Досие „Монструм“: Зошто се кријат имиња на учесници во ликвидацијата?

by Фокус

Текстот е објавен на 27 06 2014 во неделен ФОКУС бр 977.

Иако во судницата се спротивставени страни, надвор ги спои повикот за правда, односно обидот да им укажат на надлежните да го преиспитаат случајот за да се утврди со сигурност не само кои се вистинските сторители, туку кои се и другите вмешани во ликвидацијата и зошто за нив обвинителството не отвори истрага.

Провокативна, нервозна или клучна за каква може да се смета изјавата на татковците, особено на Горан Наќевски, дека пратеник, судија и доктор имаат сознанија за настанот, дури и дека има докази за нивна вклученост во кривичното дело.

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Одложената пресуда за процесот „Монструм“ за првпат јавно на една страна ги стави семејствата на ликвидираните деца и на обвинетите терористи. Болеста на судијата Ивица Стефановски, искористена како оправдување, ги сврте роднините против јавната обвинителка Гордана Гешковска, но им отвори можност да се посомневаат во исправноста на пресудата на Кривичниот суд.

Дополнително, револтот настанат од одложувањето ги испровоцира татковците на децата да откријат дека високо позиционирани политичари се инволвирани во настанот кај езерото од пред две години! Застанати пред камерите, директно ја повикаа обвинителката да ги дешифрира нејаснотиите во обвинителниот акт, но и во доказите кои не сака јавно да ги прикаже затоа што таму се кријат споменатите функционери.

Несогласувањето на другата страна, таа на обвинетите, беше изразено преку транспаренти, но гневот, исто така, беше насочен кон Гешковска и кон Стефановски. Освен што имаа иста цел за напад, за да предупредат дека, сепак, нешто е матно со процесот и пресудата, семејствата на двете страни еден час останаа пред судот во радиус од педесетина метри. Забележливо беше дека немаше тензии и провокации. Не си разменија ниту збор, што е очекувано.

Но, браќата и тесното семејство на обвинетите Албанци и родителите на децата Македонци (етничката поделба е, според јавната обвинителка, во предметот) стоеја буквално едни до други, а на само неколку метри од нив, група од педесетина протестираше со транспаренти. Иако во судницата се спротивставени страни, надвор ги спои повикот за правда, односно обидот да им укажат на надлежните да го преиспитаат случајот за да се утврди со сигурност, не само кои се вистинските сторители, туку кои се и другите вмешани во ликвидацијата и зошто за нив обвинителството не отвори истрага.

Протестот не броеше повеќе од педесетина присутни, поголемиот дел роднини, но навести дека по објавата на пресудата, особено ако се изречат поголем број доживотни казни, ќе следуваат поголеми и понемирни демонстрации. До пресудата остануваат само неколку дена, ќе биде објавена на 30 јуни, доколку грипот и температурата на судијата не се интензивираат, паралелно со притисокот и со јавните повици за непристрасност при одлучувањето.

КАКВА Е УЛОГАТА НА ПРАТЕНИКОТ, СУДИЈАТА И НА ДОКТОРОТ!?

Провокативна, нервозна или клучна ‒ за каква може да се смета изјавата на татковците, особено на Горан Наќевски, дека пратеник, судија и доктор имаат сознанија за настанот, дури и дека има докази за нивна вклученост во кривичното дело.

Иако првичниот новинарски впечаток беше дека изнесеното сознание може да е лудост или, пак, дека се мисли на експратеникот Драгиша Милетиќ, како што се прокоментира пред судот, кој со една изјава пред настанот предупреди на можна опасност, сепак „Фокус“, во потрага по информации, откри дека пратеникот е на една од партиите на Албанците и дека Наќевски не зборувал напразно.

Лекарот што го посочуваат татковците, има релации со Арачиново, додека, пак, судијата е вработен во Граѓанскиот суд во Скопје. Оваа тројка, ако не е директно вмешана во егзекуцијата, тогаш сигурно има информации за сторителите и за мотивот за нападот. Во тоа веруваат родителите и затоа сакаат Гешковска да не ги крие целосните докази за ликвидацијата, туку, освен седумтемина што ги има пријавено, да отвори досие и за тројцата за кои тие зборуваат.

Тоа е сè тајно направено и обвинителството знае за тоа. Затоа јасно укажуваме дека мора сè да се дешифрира и да не постои тајно судење. Ние, како родители, сакаме заедно со новинарите да присуствуваме на сите судења, а не да нѐ исклучуваат. А оние, за кои има снимки, итно да се приведат, затоа што такви има“ – предупредува Наќевски.

Логично е тој да мисли на аудиоснимки од телефонски разговори, освен ако не постојат видеоснимки, за кои е можно да знаат, освен истражителите, само семејствата. Но, какви и да се, сериозно е тврдењето на семејствата дека има неколкумина учесници кои се високо позиционирани, а за кои јавното обвинителство не смее да покрене процес.

Ова одново ја отвори дилемата кои се лицата со неутврден идентитет кои се споменуваат од обвинителката, а притоа биле кај езерото во моментот на пукањето, а некои и во деновите претходно правеле обиколка на Смилковско езеро. Имено, обвинителката тврди дека, по егзекуцијата, извршителите, меѓу кои има двајца непознати, го напуштиле местото со две возила. Едното е фамозното „опел омега“.

Друг непознат, пак, заедно со неколкумина од обвинетите, неколку дена пред настанот го посетувале теренот околу езерото за да откријат кои млади во колку часот се таму, за да изберат погоден момент за ликвидација. „Фокус“ во претходните текстови напиша дека во непознатите може да се крие заштитениот сведок, но кои се другите чиј идентитет родителите на момчињата инсистираат да се открие?!

Истото, оправдано, го сакаат и семејствата на обвинетите. Токму ваквите непознаници, кои се отворени, а надлежните не понудиле конкретен аргумент за да ги затворат, но и јавните повици на семејствата да се испита вмешаноста на други лица, однапред ја права пресудата лабава.

КАКО ЕЗЕРОТО СТАНА ПРИВАТЕН ИМОТ?

Уште еден аргумент, понуден од татковците на момчињата од Радишани, кој не смее да се изолира, е нивниот сомнеж за превласт над земјиштето околу езерото. Тоа за нив е дополнителна и јасна причина за ликвидацијата на момчињата, со цел да се издејствува одземање на концесијата на Фејзи Азири, еден од обвинетите. Потоа имотот лесно премина под владение на земјоделската задруга „Свети крст“.

Што е она што на семејствата им отворило сомнеж?

„Ние ќе се согласиме дека делото е тероризам и дека мотивот е радикализам, но има едни табли поставени кај езерото, што ни се нејасни. Одете да снимите и ќе ви светне за што ви зборуваме. Како имотот стана приватен? Зошто тоа никој не го провери?“ – посочува Наќевски.

„Фокус“ ги фотографираше таблите поставени на неколку места. Зачудувачки, некој напишал дека имотот е приватен, иако се знае дека е државен и дека Министерството за транспорт и врски го издава под концесија. Но, дали постои нешто за коешто јавноста не е известена?

Иако Смилковско езеро беше рекреативно место за граѓаните од тој крај, особено привлечно за рибарите, сега некој, за да им внесе страв и да ги спречи да се рекреираат, на таблите кај имотот ставил закана со нацртани пиштол и нож. Дополнително се поставени табли дека риболовот е забранет, што не било случај досега.

Дека дрвените табли постигнале ефект, зборува сликата од езерото. Немаше ниту еден рибар во околината, а не се забележуваа ниту рекреативци да шетаат по патеките покрај водата. Едноставно, празно и пусто е сега езерото. Секако, додека не се изгради сè што е планирано за да се претвори во спортско- рекреативен центар. Жителите од околината слушнале дека ќе има  ресторан со рибник и игралишта.

Таму се само неколкутемина градежници кои ставаат фасада на црквата подигната во чест на убиените. Одговорите ги избегнуваат со оправдување дека си имаат работа, не сакаат многу да зборуваат, особено за сопственоста на имотот, за инвестициите за црквата и за настанот со децата. Точно на двете места на кои се застрелани, подигнати се спомен-плочи. Едната во сеќавање на четирите момчиња, другата, на педесетина метри, посветена на Борче Стефковски. Спроти нив е црквата.

На плочите е направена грешка дека грозоморниот настан се случил на Велики петок, иако тоа беше ден порано. (Ќе остане запаметено и по завршните зборови на Гешковска – „Пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден, за да ви ја уништиме верата“.)

Впечаток е дека теренот со ниви ќе се претвори во место за туристи, пред сè, за време на викенди. Ситуацијата на теренот, но и информациите што стигнуваат до родителите на децата, им потврдиле дека таму некој ќе остварува профит, што само им го надополнува револтот што им го создаде Јавното обвинителство.

Колку и да нема врска и поврзаност на ликвидацијата со преземањето на земјиштето, сепак некои активности упатуваат дека е легитимно да се поверува во тврдењата на семејствата. За тоа што навистина се случува со имотот околу езерото тешко се добива информација и од надлежните, но и од новите концесионери или, пак, во нивниот случај, сопственици.

ЗДРАВЈЕТО ПОД ПРИТИСОК

Дали ваквите оставени дилеми, за кои тешко дека ќе се изјасни Јавното обвинителство се една од можните причини за одложување на објавата на пресудата? Тоа е помалку веројатно, затоа што и судот, по примерот на обвинителството, нема да се ангажира да проверува кои се непознатите лица, учесници во кривичниот настан. Уште помалку ќе пројави интерес да ги слушне родителите дека има и други инволвирани, како во извршувањето, така и во логистиката на злоделото.

На моменти, инертниот однос кон сведоците судот го демонстрираше со неповикувањето на некои имиња од политиката. Адвокатите сметаа дека министерот Миле Јанакиески, градоначалникот на Илинден, Жика Стојановски, експратеникот Драгиша Милетиќ, се лицата што можат да посведочат за некои околности на настанот. Милетиќ да ги презентира сознанијата што ги има за ликвидацијата, а кои претходеа на нападот, додека Јанакиески и Стојановски да зборуваат за алибито на некои од обвинетите.

Судот не ја послуша одбраната, исто како и во случајот со Адил Јашари, скопјанец по кого судот трагал, а на адвокатите им е значаен оти неговото име се провлекувало низ процесот. Ако ја отфрлиме можноста дека семејствата, сепак, со јавните настапи не можат да влијаат врз судот дали да ја изрече и каква да биде пресудата, се наметнуваат други причини, секако без исклучок на здравјето на судијата.

Неофицијално, во деновите пред денот за пресуда Стефановски се појавувал во судот. Наеднаш го совладале грип и температура. Колку врз здравјето му влијаеле јавните притисоци? Сигурно многу, но веројатно помалку од тајните. Од јавните, пак, ОБСЕ е најдиректна. Дали таму се крие причината за одложувањето? Организацијата им пишува на политичките лидери во власта да ги смират меѓуетничките тензии.

Претпоставка е дека писмото на посматрачите ОБСЕ има предупредувачки карактер пред објавата на пресудата, поучени од последните немири во Ѓорче Петров, од претходните протести на жителите во Радишани како револт против Албанците по смртта на децата, но и од немирите предизвикани од приведувањето на обвинетите во „Монструм“.

За процесот ОБСЕ посветува посебен дел во писмото, во кое им укажува на Груевски и Ахмети дека случајот не смее  да биде искористен за нереди и етнички тензии, иако се стравува дека тоа ќе се случи, пред сè, затоа што на делото му се стави верски предзнак. ОБСЕ, како меѓународен набљудувач на судските процеси, смее да ги следи во судницата, но нема пристап до тајните докази. Тоа ја отежнува нивната директна оценка за предметот, а потоа и за пресудата.

СУДЕЊЕ ОД ПОЧЕТОК?

Иако е малку веројатно, судот, доколку има дилема околу пресудата, особено доколку смета дека треба да се преиспитаат некои докази, но и да се повикаат и нови сведоци, има законска можност процесот да го почне одново. Наместо пресуда, досието да се преотвори. Тогаш крајниот рок за пресуда би бил октомври затоа што тогаш истекува рокот од две години дозволен за притвор на обвинетите.

Значи, судот ќе мора експресно да го повтори судењето. Дали на ваквата одлука на судот влијание може да има и екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Приштина. Со евентуално нивно испорачување во текот на летото, ќе се создадат услови и ним да им се суди во Скопје. Но, тогаш ќе нема да може процесот да заврши до октомври затоа што појавувањето на двајцата во судницата ќе значи комплетно ново судење.

Македонската практика познава случаи кога наместо објава на пресуда, процесот се отвора одново. Тоа го направи, на пример, Лидија Неделкова, претседателката на Врховен суд, кога го судеше предметот „Јака-табак“.

Тие не знаат најмалку два елемента, кои се наметнуваат како клучни за судот ‒ прислушуваните телефони и исказот на заштитениот сведок. А на тоа ќе се базира првостепената пресуда. Затоа ОБСЕ се повлекува од коментар и прејудицирање на пресудата, но вокабуларот што го користи наведува дека очекува најмалку фер пресуда. Тоа значи издржани аргументи и очигледни докази.

Ставот на ОБСЕ е во ист правец со мислењето на ДУИ. Од партијата признаваат дека тешко ќе можат да ги смират страстите кај Албанците ако се одредат доживотни казни затвор. Впечатокот од теренот е дека педесетината што протестираа пред судот се ништо во споредба со тоа што се мобилизира. Пред сè, во поглед на бројноста, но и на дефинирањето на начинот како и каде ќе се протестира.

„Фокус“ пишуваше за можните тензии и можното радикализирање на ситуацијата како последица на строгите казни, кои се извесни. Во јавните настапи на ДУИ родителите на децата препознаваат политички притисок врз судството. Оттаму и нивната изјава дека Али Ахмети влијае врз процесот. Можеби од таму беше инспириран гласниот извик на родителите кон судот кога слушнаа дека пресудата се одложува. Запрашаа во судницата, за да ги слушне вториот судија во предметот, зошто и од кого судот се плаши да ја објави пресудата?

СУДОТ МЕЃУ ПРАВОТО И ПОЛИТИКАТА

Уште една причина за одложувањето на пресудата, која се споменува како можна, е од правна природа. Имено, адвокатите неколкупати на неофицијални разговори му посочиле на судијата дека нема да може да ја оправда пресудата затоа што шестмина од седумтемина одговараат за извршување на делото, но освен за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, за кои се тврди дека пукале, за другите не постои ниту еден доказ што упатува на нивна активност дека учествувале директно во нападот, за да одговараат за делото извршување. Неофицијално, и тоа му претставувало дилема на судијата.

Последниот во групата, Хаки Азири, несудениот заштитен сведок, одговара за помагање. Кон овој аспект на случајот се надоврзува и ставот на семејствата на убиените дека правдата нема да ги стигне оние кои биле во групата извршители. Затоа ги посочуваат пратеникот, докторот и судијата. За почеток како вмешани во случајот, иако навестуваат дека знаат и детали за нивните улоги во настанот.

Секако дека судот ќе се обиде со пресудата да ги надмине недореченостите. Ќе настојува да ги аргументира доказите на Јавното обвинителство. Затоа, кога зборуваме за правните аспекти на случајот, мора да нагласиме дека има и аргументи кои одат во полза на обвинителниот акт.

Тоа, пред сè, се електронските докази. Лоцирањето на некои од обвинетите преку мобилните телефони за нивните сомнителни посети на езерото во деновите пред егзекуцијата, но и на критичниот ден.

Понатаму, снимените телефонски разговори, кои упатуваат дека некои од обвинетите се слушале, како и фактот дека коинцидираат исклучувањата на следените телефони, дента, пред и по убиството.

Професор Владимир Пивоваров од почеток го следи процесот и забележал дека токму електронските докази се точката на која ќе се прекрши копјето.

Следам дека адвокатите ги спорат материјалните и вербалните докази, но не и електронските, кои во случајот се можеби суштински. Тоа е очекувана нивна тактика за да се фокусира јавноста кон доказите за кои имаат аргументи да ги спорат, но не е така со доказите произлезени од директното следење на обвинетите“, смета Пивоваров.

Значи судот, прво ги има повиците на семејствата на двете страни дека процесот е сомнителен затоа што за Албанците постапката била пристрасна, за Македонците, пак, недостасуваат учесници во ликвидацијата, што секако нема да претегне при одлучувањето.

Второ, судот е соочен со јавниот, политички, домашен, но и меѓународен притисок, што го прави исплашен затоа што се претпоставува дека можностите се со широк распон, може да се влијае врз пресуда: од доживотен затвор до ослободување. Колку судот ќе успее да ги изолира притисоците затоа што пресудата за „Монструм“ е тест за независно, но и професионално судство.

На крајот, она што е логично да претегне – доказите. Секако дека судот ќе мора да ги има предвид оние кои ги нуди обвинителството ‒ исказот на заштитениот сведок (за адвокатите е контрадикторен), исказот на обвинетиот Хаки Азири, кој раскажува како им помогнал (за адвокатите е земен под присила кога го убедувале да биде заштитен сведок), пронајдената чаура кај обвинетиот Фејзи Азири (судот не дозволи странско вештачење), ДНК-анализата на обвинетиот Алил Демири во „опелот“ (на адвокатите не им се дозволи да го видат возилото), трагите од пронајдената земја на опелот, кои одговараат на земјата кај езерото (од десетина мостри, кај една се совпаѓаше, а адвокатите реагираа дека анализата не содржи карактеристики за земјата), снимените материјали од следењето на обвинетите, чија содржина е тајна, како и движењето на телефоните во реонот на смилковци.

Значи, судот има простор во кој би ги оправдал казните. Ако е цврсто уверен дека има случај, тогаш судот не треба да го интересираат реакциите во општеството, особено во албанската заедница, чии порадикални струи силно ќе се спротивстават со улични протести!

НЕМА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УБИСТВОТО?

Во текот на судскиот процес не беше направена реконструкција на ликвидацијата на терен. Судот ја искористи реконструкцијата од истрагата, која е релевантна и ги има сите податоци за случувањата пред пукањето, за време на егзекуцијата и во минутите потоа.

Но, што доколку во иднина се појави потреба одново да се направи реконструкција? Тоа ќе биде извесно доколку се случи првостепената пресуда да падне на повисок суд. Тогаш адвокатите ќе сакаат одново да се посети теренот кај езерото. Но, таму конфигурацијата сега е изменета, а според најавите, освен црквата, може да изникнат и други објекти. Со тоа се загрозува видливоста на теренот и тоа би отежнало некоја идна реконструкција.

„Изградените објекти може да пречат, особено ако се во просторот низ кој сведоците ги забележале обвинетите. Сега таа видливост може да ја немате“ – предупредува Пивоваров.

 

 

Поврзани новости