Доневски „падна“ поради тендери за одржување и обезбедување на Владата?

by fokus

Во очекување на прес конференцијата на Финансова полиција, каде ќе се соопштат детали од истражната постапка во која вчера беше уапсен екс директорот на СОЗР, Васе Доневски, се шпекулира дека причината за неговото апсење се утврдени незаконитости при склучување на договори за одржување и обезбедување на Владата.

Според неофицијални информации, станува збор за тендер во вредност од десетина милиони евра. Доневски се сомничи дека ја злоупотребил службената положба при доделување на тендерот.

Последниот поголем тендер за јавна набавка од овој тип Службата за општи и заеднички работи го склучила во септември 2015 година, кога Доневски беше се уште директор. Договорот е во вредност од 10,7 милиони евра и со него биле набавени разновидни услуги за повеќе државни органи, од одржување на хигиена, дактилографски услуги, услуги за обезбедување ПП заштита, до услуги за оперирање со ТТ централи.

Понуда на тендерската постапка испратила само фирмата која го добила тендерот.

Доневски беше еден вид десна рака на поранешниот премиер, Никола Груевски. Под капата на Службата за општи и заеднички работи се склучуваа сите договори од Владата на Груевски. Директорот на СОЗЕ ги потпишуваше тендерите за градежни работи на повеќето објекти од проектот „Скопје 2014“, како најскапиот објект во кој е сместен Археолошкиот музеј, Факултетот за драмски уметности, објектот каде сега се наоѓа Министерството за надворешни работи, реконструкцијата на владината фасада, објектот каде е сместено Јавното обвинителство и Финансова полиција која го гони сега Доневски. На листата се уште неколку објекти, фасади и партерни уредувања.

Поврзани новости