Донатор на ДУИ и екссопственик на партиски имот ќе спремаат нови простории за „Мајка Тереза“

Компаниите „Еуровиа“ и „АК-Инвест“ го добија договорот вреден 1,5 милиони евра за реконструкција и пренамена на објекти за Универзитетот „Мајка Тереза“, откако само тие поднеле прифатлива понуда во повторената тендерска постапка.

by Фокус

Градежните компании „Еуровиа“ и „АК Инвест“ ја добиле зделката тешка скоро 1 и пол милиони евра за реконструкција и пренамена на објекти во касарната Илинден, каде треба да биде сместен Универзитетoт „Мајка Тереза“.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Универзитетот „Мајка Тереза“ кон крајот на минатиот месец склучил договор во вредност од над 91 милиони денари со „Еуровиа“ од Желино, која го добила тендерот во групација со тетовската „АК Инвест“.

Како што не информираа од Универзитетот, за оваа јавна набавка биле објавени 2 огласи. Првиот пат биле поднесени 5 првични понуди, но ниту една од нив не ја поминала фазата на евалуација, односно не ги исполнувала барањата предвидени со тендерската документација.

Во рамки на второобјавениот оглас, понуди доставиле вкупно 4 економски оператори, меѓутоа понудите на „Бибај Компани“ од Тетово, „Дрво-Пром“ од Зрновци и „Нет Инвест Гроуп“ од Теарце биле отфрлени како неприфатливи, што значи дека „Еуровиа“ и „АК Инвест“ го добиле тендерот без да се одржи електронска аукција.

Причините поради кои се отфрлени понудите се неисполнување на критериумите за утврдување способност и тоа утврдување на техничка и професионална способност, промена на образците прилог кон тендерската документација и неважечки сертификати за стандарди за систем за квалитет и сертификати за стандарди за управување со животната средина“, велат од Универзитетот.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Еуровиа“ е една од компаниите во сопственост на „Еуровиа Холдинг“, чиј управител и косопственик е Елмедин Адеми, внук на поранешниот вицепремиер и министер од редовите на ДУИ – покојниот Абдулаќим Адеми.

Инаку, според историјатот на промени, станува збор за субјект кој порано го носел називот „Адел Холдинг“, кој пак е интересен од причина што ист таков субјект се јавува како донатор на партијата на Али Ахмети.

Како што пишуваше „Фокус“, „интегративците“ во текот на 2019 година добиле 95 донации во вкупен износ од 10,7 милиони денари или 174.500 евра, а втората по голема донација била токму од „Адел Холдинг“, која, според извештајот поднесен до Државниот завод за ревизија, изнесува милион денари.

Но, ова не е единствена донација на „Адел Холдинг“ до ДУИ, со оглед дека оваа компанија може да се сретне и во годишниот извештај на донатори на партијата за следната 2020 година, кога е регистрирана донација од над 630 илјади денари.

Покрај тоа, „Еуровиа“ добила тендери од повеќе институции. Во таа насока, лани склучила договор со Министерството за екологија за изградба на канализациона мрежа во Камењање во вредност од 142 милиони денари. Исто така, добила тендер за изградба на поликлиника во Сарај вреден 67 милиони денари итн.

Што се однесува до компанијата со која заеднички го добиле проектот за „Мајка Тереза“ – „АК Инвест“, се работи за друштво во сопственост на бизнисменот Азби Ибрахими, чиј син Фитим Ибрахими своевремено ја основаше компанијата за трговија со струја „У-Повер“ заедно со Аријанит Џафери, кој пак е син на поранешниот вицепремиер и министер Муса Џафери.

И „АК-Инвест“ соработувала со голем број на државни институции и јавни органи, во голем дел раководени од кадри од ДУИ. Но, „Фокус“ пишуваше за оваа компанија и како поранешен сопственик на деловен објект во центарот на Тетово, кој во меѓувреме премина во сопственост на партијата на Ахмети.

Имено, станува збор за објект со приземје и 3 ката, со внатрешната површина 1.423 квадратни метри, кој ДУИ го купил со банкарски кредит од околу 900.000 евра. Всушност, ДУИ го купил овој објектот од компанијата „Инфинити-МГ“, неодамна преименувана во „Зега Груп“, додека претходно објектот бил во сопственост на „АК-Инвест“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости