ДОМ: Зелените политики го решија сообраќајот во Виена

by Fokus

Лилјана Поповска и Симона Сарделиќ од ДОМ беа учеснички на конференцијата за зелените локални политики, што во организација на Австриските зелени се одржа во Виена од 20 до 22 октомври, со учество на зелени партии од централна и југоисточна Европа. Координатори на овој настан беа виенскиот зелен советник Герхард Јордан и европратеничката Моника Вана, а учество зедоа и европратениците Урлике Луначек од Австрија, Томаш Месерик од Унгарија, Игор Шолтес од Словенија и Давор Шкрлец од Хрватска.

Беа претставени успесите на зелените советници во Виена и на тројца зелени општински градоначалници, кои внесоа многу решенија за „паметен“ град, особено во транспортот.

Поранешниот сообраќаен метеж е надминат и во самиот центар на градот, преку претворање на повеќе главни сообраќајници во пешачки и велосипедски зони, со пренасочување на возилата и користење повеќе видови јавен превоз (метро, трамвај, автобус) со симболична наплата. Градот изобилува со практични и естетски содржини кои го хуманизираат просторот и го олеснуваат животот на граѓаните. Како типични примери беа покажани улицата Маријахилферштрасе и општината Варинг, каде победи зелена градоначалничка, за првпат по 70 години водство на десницата.

Поврзани новости