Партијата Демократска обнова на Македонија повикува на одбрана на најновиот напад на паркот во Карпош. Од партијата информираа дека денеска имало нов обид за бетонирање на малиот парк на улица Букурешка во Тафталиџе.
-Жители на населбата ни се јавија и испратија фотографии на кои се гледа како од утринава се дојдени градежници кои го оградиле паркот и почнале да ги сечат дрвјата. Среде серија земјотреси, кога луѓето вознемирени истрчуваат од домовите и спас бараат токму на празни зелени површини во нивните дворови, некој се обидува да лови во матно!? – стои во сооштението на ДОМ.
За ДОМ скандалозно е до кој степен не се почитува граѓанската волја и јавниот интерес на жителите на Тафталиџе 1 кои јасно кажаа дека нема да се откажат од паркот.
-Секое повикување на друг “јавен итнерес“, поради кој “морало“ да се изгради зграда на зелена површина е само маскирање на личните интереси на грст луѓе од политиката и бизнисот – се додава во партиското соопштение.
Инаку, жителите од оваа населба во неколку наврати го спречија рушење на паркот за изградба на станбена зграда.