Документацијата ги остави без 6.000 денари, самохраните родители на нови маки

by Fokus

Финансиската поддршка за време на пандемијата од четвртиот пакет мерки на Владата помпезно беше најавувана речиси половина година, но сепак дел од самохраните родители се револтирани бидејќи  имаа само пет работни дена да поднесат документи за да го остварат своето право, а и многу од тие што успеале ги нема на списоците на страницата „Купувам домашно“.

Од министерството за труд и социјална политика во изјава за „Фокус“ тврдат дека до Генералниот секретаријат на Владата во рок од два дена по објавувањето на Законот во службен весник доставиле податоци за 1.565 самохрани родители кои се наоѓаат во системот на МТСП по основ на користење на право во согласност со Законот за социјална заштита. Но, сепак од таму не одговорија на нашите прашања зошто нема генерален регистар на самохрани родители на ниво на држава, како што не одговрија и зошто беа неопходни нови изводи од матична книга на родените кога преку матичните броеви на родителите може да се провери нивниот статус .

-Невозможно е да се постигне во рамките на пет работни дена да доставите нов извод од матичната книга на родените бидејќи рокот за издавање на истите е од 5 до 10 дена. Некои самохрани родители ги добија изводите, но мораше да фаќаат врски, да земаат слободни денови и потоа повторно да доставуваат документи до Центрите за социјална работа. Целата оваа процедура можеше да се направи и порано или пак да биде онлајн. И покрај целиот труд повторно ме нема на списокот, вели самохрана мајка за „Фокус“.

Друг родител појасни дека се јавил во Центарот за социјални работи во Скопје и добил дозвола да ги прати документите по меил бидејќи поради здравствени причини не е во можност да ги однесе лично, но службениците рекле дека изводот не може да биде постар од шест месеци за да докаже дека не е во брак. Ова создало нов проблем бидејќи и за онлајн аплицирањето на изводите се чека повеќе од пет дена и не успеал да достави документи, иако ги исполнува условите за финансиската помош од 6.000 денари.

-Не знам зошто не постои еден регистар на самохрани родители кој ќе се ажурира на определен рок. Какво е тоа министерство што нема никаква евиденција за самохраните родители, освен оние кои примаат некаква помош, додава тој.

Центрите за социјална работа на 14 декември соопштија дека самохраните родители барањата за остварување на финансиска поддршка во износ од 6.000 денари можат да ги поднесат во надлежниот центар за социјална работа со потребна документација, извод од матична книга на родени, извод од матична книга на умрени, потврда за исчезнат родител, и потврда за привремена спреченост поради лекување, издржување казна затвор, а крајниот рок беше до 18 декември.

-Со оглед на краткиот рок кој беше даден во Законот, центрите за социјална работа, по насока на Министерството за труд и социјална работа, спроведоа предвидени активности кои беа неопходни за утврдување на статусот на самохран родител на лицата кои аплицираа и доставување на листи на самохрани родители – корисници на финансиската поддршка по овој основ. Согласно податоците што ги добиваме Центрите за социјални работи од самохраните родители земале податоци за трансакциската сметка, се вели во одговорот за „Фокус“ од министерството за труд и социјала.

За оние пак кои го оствариле правото и се наоѓаат на листата на страницата https://www.kupuvamdomasno.gov.mk/mk/ , банките се подготвени да почнат со исплата на средствата кои се предвидени за реализација на мерката за финансиска помош за купување домашни производи, веднаш откако ќе ги добијат и обработат податоците и ги добијат средствата, согласно листите за исплата.

Соња Танеска

Поврзани новости