Докторот што ја сликаше погрешната табла во „Букурешт“ доби отказ

by fokus

Долгогодишниот невролог, доктор Мирослав Гроздановски, кој пред еден месец ја фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, а која подоцна осамна на социјалните мрежи и предизвика јавен потсмев, заработи отказ на три години до пензионирањето, објави „Слободен печат“.

Сомнежот на докторот е дека токму тоа што го обелоденил навидум наивниот настан со погрешно испишаната табла, претставувало основа да биде отпуштен од работа.

Во изјавата тој вели дека формално-правно во отказот му пишува дека изостанал три работни дена.

-Дојдов во „Букурешт“ додека бев на одмор во петокот и бев блокиран, не можев да влезам во системот. Веќе ме префрлиле на „Бит Пазар“. Од понеделникот, се разбира, не отидов на „Бит Пазар“ и веднаш ми дале отказ и ме одјавија, така што сега сум невработен доктор специјалист по неврологија на три години пред пензија, вели докторот во изјавата.

По објавувањето на погрешно напишаната табла, Гроздановски, беше прераспределен на работа од „Букурешт“ во Поликлиниката „Бит Пазар“. Тој и тогаш имаше изјава во која изрази сомнеж дека причината за прераспределувањето е таблата, додека директорот на Здравствениот дом-Скопје, доктор Виктор Исијановски, тогаш изјави дека прераспределбата не е резултат на направената фотографија од несоодветната табла.

Поврзани новости