„Ме исфрлија како партал од Стручен колегиум на кој економскиот директор Никола Ташев урлаше на цел глас, а јас се уште не знам зошто. По 37 години работа некој на тој начин да ме понижува и да ми го нарушува угледот и дигнитетот нема да дозволам“. Со ваква реакција излезе доктор Нестор Поповски, шеф на интензива нега, кој до пред три месеци беше в.д. директор на скопската Клиника за токсикологија на местото на доктор Андон Чибишев, кој пред две години стана пратеник во македонското Собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Економскиот директор свика Стручен колегиум на кој почна да вика на цел глас, а јас уште не знаев зошто викаше. Во еден момент ме повлекоа од столот и ме исфрлија надвор без никаква причина. Јас во животот не сум слушнал такво викање. Нема да дозволам некој да ме навредува и понижува после 37 години работно искуство. Откако дојде директорот прави што сака на клиниката и никој ништо не му може. Ташев пали и гаси на Токсикологија – тврди доктор Поповски во изјава за „Фокус“.
Тој поднел приговор до Лекарската комора и до Управниот одбор на клиниката во врска со последните случувања, а тврди дека се прашувал дали воопшто да реагира јавно, но сфатил дека не треба да ја премолчи понижувачката ситуација што му се случила. Поранешниот в.д директор тврди дека не е партиски определен и не го интересира никаква партија, само сака да го остават да си ја врши работата како што треба.
Доктор Поповски беше неколку месеци в.д. директор, а сега на негово место е доктор Лидија Петровска. „Фокус“ пред неколку месеци објави дека економскиот директор Никола Ташев на клиниката дошол пред три месеци, а претходно истата функција ја вршел на скопската Инфективна клиника. Оттогаш, неговите колеги постојано се жалат каков притисок им врши, па дури им ја земал канцеларијата на дежурните и си ја присвоил за себе.
На Стручниот колегиум била присутна и новата в.д. директорка Петровска, но таа не реагирала. Ја побаравме да ја прашаме што точно се случувало, но не успеавме да ја добиеме.