Давидовиќ: Треба да му се ограничи апсолутната моќ на претседателот за амнестија на криминалот!

by Фокус

Потребни се законски измени со кој ќе се спречи можноста на неограничено амнестирирање на лица кои извршиле криминал, особено ако се работи за тешки и сериозни форми како што е изборниот криминал, и притоа тоа неколкукратно да се повторува, оценува адвокатот Звонко Давидовиќ.

– Повторувањето на делото се смета за отежнителна околност и при изрекување на казна па затоа фер и принципиелно би било секој да може да биде помилуван само за едно кривично дело. На тој начин ќе се спречи можноста потенцијално виновни лица од делата за кои ги гони Специјалното јавно обвинителство да бидат неограничено аболирани или помилувани, ако ја имаат милоста на претседателот. Но, на крајот на краиштата работата, на СЈО ќе биде да ја утврди фактичката состојба и вистината, а ако некој биде амнестиран, без разлика во која фаза од постапката, тоа ќе остави дамка врз него – изјави за Фокус Давидовиќ.

Тој ги оценува како позитивни предложените законски измени на СДСМ со кои, меѓу другото се оневозможува едно лице да биде помилувано за повеќе кривични дела. Овој предлог впрочем дојде како реакција на одлуката на Уставниот суд да ја врати можноста во рацете на претседателот на државата за аболиција и помилување на осомничени и осудени лица за сите кривични дела, вклучувајќи го изборниот криминал, како и делата против половиот морал и против меѓународното право. ВМРО-ДПМНЕ формално се извлекуваше дека оваа иницијатива е независна и не потекнува од партијата, но предлогот на колегите од противничкиот табор веќе на некој начин го отфрлија, оценувајќи го како лицемерен.

Инаку, денеска и либералната партија ги повика сите пратеници во Собранието да предложат закон за измени и дополнувања на законот за помилување со кој ингеренциите за прекин на постапката против обвинети или осудени лица зa изборен криминал повторно ќе бидат одземени од претседателот.

„Ова се непосредните начини сите политички партии да докажат дека стојат до своите тврдења дека ни се потребни кредибилни избори за излез од политичката криза, слободни и фер, без местења, полнења кутии и списоци, без насилство. Сега откако СДСМ го предложи законот, ги охрабруваме ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да останат доследни на своите јавно декларирани заложби и да го поддржат ограничувањето на правото на помилување за изборен криминал од страна на претседателот“, апелираа либералите.

Поврзани новости