„Доколку не се постигне консензус меѓу политичките партии, нема да ни е добра иднината!“

Интервју со д-р Борче Давитковски, професор по административно право

by fokus

„Факт е дека најголем работодавач е владата, која лепачите на плакати ги вработува со контингенти, како на централно, така и на локално ниво. Иако донесовме сет стратегии за реформа на јавната администрација, константно бележиме пораст по доаѓањето на нова власт, обично до 30.000.

И многу поразвиени држави не можат да издржат ваква гломазна администрација. Иднината е, или во вистински реформи, или во ново задолжување и во блиска иднина да очекуваме грчко сценарио, односно банкрот на државата“, вакви се оценките на професорот Борче Давитковски за областа за која е експерт – административното право.

Давитковски, целокупниот работен век го помина на Правниот факултет при УКИМ. Во сиот овој период учествувал во 170 работни тела за подготовка или измена на закони. Нагласува дека во сите тие закони се вметнати европски конвенции

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Во септември заминувате во пензија. Во изминативе децении активно се боревте и се залагавте Македонија да се реформира за да имаме европска и професионална администрација. Разочарани ли сте од „активната блокада“ на сите влади за да остане ситуацијата статус кво, па и полоша?

ДАВИТКОВСКИ: Најмногу сум разочаран од немањето политичка волја на сите досегашни влади, особено по 1999 година, кога се донесе првата Стратегија за реформа на јавната администрација, за вистинска имплементација на овие европски конвенции и стандарди на територијата на нашата држава. Многу закони само од наши „лукративни“ причини – политички свесно се извитоперуваа и станавме уникатна земја. Европските стандарди се изобличени и доведуваат до негативни резултати.

ФОКУС: Како конкретно се изигруваат законите?

ДАВИТКОВСКИ: На пример, иако Законот за административни службеници нуди механизми за заштита, се случуваат ситуации од следниот тип – некое лице имало статус на раководител на сектор, но по доаѓањето на новата власт, неговиот сектор се укинува, а тој се спушта неколку скалила подолу. На неговото место, во новоименуван сектор ќе се вработи лице што е партиски подобно. Вакви ситуации станаа одлика на македонскиот фолклор.

Во 2002 и во 2006, а на крајот и во 2016 година, масовно се менуваа правилниците за систематизација, сѐ со цел да се постават партиски кадри. Ваквата практика мора да престане зашто е на штета на развојот на државата. Мислам, а и со тоа сакам да завршам, дека доколку навистина не се постигне оној консензус меѓу политичките партии, нема да ни е добра иднината. Штета што во изминативе 30 години не ја направивме Македонија пристојно место за живеење.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости