Доказите за Божиновски се површни, тврди српскиот суд

by Фокус

Доказите со кои Зоран Божиновски се обвинува за кривичните дела шпионажа и уцена, се површни и не се доволни, поради што е тешко да се исполнат условите за постоење на основан сомнеж. Ова е ставот на судот во Нови Сад, Србија, напишан во решението со кое се укинува притворот на новинарот. По оваа одлука, Божиновски, по 11 месеци поминати во екстрадиционен притвор, од вчера повторно е на слобода.

„Во доставениот материјал, од Кривичниот суд во Скопје, се наведува дека се констатира основен сомнеж дека Божиновски ги извршил кривичните дела уцена и шпионажа. Меѓутоа, во продолжение не се наведуваат било какви факти кои би укажале дека осомничениот е извршител на посочените кривични дела“, се наведува во решението на судот во Нови Сад, од каде што заклучуваат дека не се убедени во вината на осомничениот Божиновски.

Од тамошниот суд додаваа дека допрва од македонските колеги ќе бараат дополнителни документи и докази за да можат да донесат одлука дали ќе го испорачаат Божиновски. Сепак екстрадиционата постапка и понатаму продолжува, како и постапката за политички азил.

Тој засега не смее да ја напушти државата, а има обврска секои 15 дена да се појавува во полициска станица. Божиновски, како обвинет во случајот „Шпион“, по распишана меѓународна потерница беше уапсен минатата година, во ноември. Во меѓувреме, во Кривичниот суд во Скопје се ближи крајот на судскиот процес „Шпиун“. Во тек се завршните зборови на обвинетите, по што ќе следува и пресуда.

Поврзани новости