Владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја условува лојалноста на пратениците со меница од одредена сума, гарант на меницата и бланко-оставка, објави Дојче Веле, повикувајќи се на пратеник од парламентарното мнозинство, кој сакал да остане анонимен.
– Јас потпишав меница на 300.000 евра. Таа сума ја одреди партијата. Според образложението, толку ќе чинеле трошоците на ВМРО-ДПМНЕ вложени во мојата изборна кампања. Не ти даваат време да размислуваш дали да потпишеш такво нешто или не. Се јавуваат, те повикуваат да дојдеш во партијата во точно определено време, односно во последен миг. Ми рекоа да дојдам во 23 часот, пред истекот на рокот за доставување на изборните листи – вели пратеникот.
Според него, ако и откаже послушност на партијата, тогаш е обврзан веднаш да ги врати партите, или во спротивно се соочува со активирање на меницата преку тужба.
– Ако пратеникот сака да избегне активирање на меницата и формално си остане во партиските редови, но од говорницата почне да застапува ставови поинакви од партиски договорените, тогаш се соочува со можноста да му ја активираат бланко оставката. Доволно е да задоцни на седница или да најави дека тој ден нема да дојде, партијата веднаш ќе ја достави бланко-оставката до претседателот на Собранието, тој ќе соопшти дека пратеникот писмено доставил оставка, ќе ја стави на гласање и таа веднаш ќе биде усвоена – објаснува тој.