Додевски: не сме барале СЈО да стопира истраги

by fokus

Од Адвокатско друштво Никола Додевски, ги демантираат информациите, кои беа презентирани вчера на прес- конференцијата на Специјалното јавно обвинителство.

Беше кажано дека за некои од осомничените во случаевите кои ги води СЈО, адвокати побарале затворање на истраги, за што велат дека се невистини.

„На прес-конференцијата одржана на ден 03.06.2016 година од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите изнесени се невистинити содржини кои потоа се пренесени од повеќе медиуми, поради што ја известуваме јавноста за следното:

„СЈО било должно да ги запре постапките, одбраната не барала запирање на истрагите“.

Невистинити се тврдењата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите дека одбраната на помилувани лица поименично наведени во писмени известија на СЈО до медиумите барала запирање на истрагите. Според Законот за кривична постапка, одбраната нема обврска ниту потреба да поднесува барање за запирање на постапката во случај на помилување, туку Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите морало да донесе наредба за запирање на истрагите по службена должност и тоа е негова задолжителна законска обврска која настапила на 12.04.2016 година“ – велат од друштвото.

Тврдењето дека во Законот за кривична постапка нема рок е обид за оправдување на незаконското постапување бидејќи чл. 304 од Законот за кривична постапка ја употребува задолжителната форма „ќе ја запре“, а доколку логиката дека нема рок ја употребеше судот и не ја запреше постапката за лица кои беа во притвор и во затвор ќе значеше дека тие лица остануваат во притвор или затвор, додаваат адвокатите.

„Одбраната верувајќи дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите постапува според законот и ги запрело истрагите според својата законска обврска, побарало примерок од таа наредба, но до ден денешен не добила никаков одговор, за да на денешната прес-конференција со невистинито повикување на содржината на наше барање јавноста биде извесетна дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не постапило според законот. Поради недоставувањето на Наредбите поднесено е и барање до Советот на јавни обвинители заради испитување на незаконското постапување на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Од страна на одбраната е побарано Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од осдржината на незаконското следење на комуникациите да ги повлече невистинитите наоди изнесени на денешната прес-конференција во понапред наведената смисла“ – се наведува во реакцијата од адвокатското друштво.

Очекуваме дека во интерес на вистината, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, тоа ќе го стори веднаш, додаваат од Адвокатско друштво Никола Додевски.

Поврзани новости