Елена Петреска: Народот е желен за промени!

by fokus 10:07
10:07

Поп пејачката и хорски пејач во МОБ, Елена Петреска, која што наскоро го очекува раѓањето на своето второ дете, вели дека поради состојбата во која што се наоѓа, се труди да си ја задржи позитивната енегрија, која што според неа кај нас ја има се помалку. Додава дека сепак, и покрај очигледноста на големата криза во која што се наоѓаме, среќна е што гледа дека народот е желен за промени, свеста е се поголема и луѓето се стремат за нешто повеќе од еден просечен живот, во кој што важи само правилото на преживување.

,,Политички, ниту сум активна, ниту сум определена! Во Македонија важи правилото дека ако си против некои политички идеали, автоматски си на спротивната страна, но јас мислам дека е здраво за психата на народот, односно за поединката да завземе свој став, а тоа не мора да е засновано на партиска основа! Затоа ќе кажам, ја поддржувам големата свесност која зема се поголеми размери и ги води луѓето кон слобода на говор, на изразување на сопствен став, на посакување да се пробијат границите на просечноста, на посакувањето на поголеми плати, зголемување на животниот стандард, живот без страв од себеизразување. Нормално е тоа што ни се случува во периодов, затоа што не може да владее само едноумие, тоа е невозможно, освен кога е принудно!,, – вели прилепчанката која што со сопругот Андреј и синчето Михаил живее во Скопје, додавајќи дека не излегува на протести и се труди да си го зачува мирот поради бременоста, но ги почитува сите кои што чувствуваат потреба да го искажат незадоволството и го прават тоа.

,,Кај нас треба да се поправат безброј работи. Глобално сме потиснати во секој поглед и во секоја професија. Ќе тргнам од мојата, уметничка, која не треба да се занимава со никаква политика и финансии, треба само да твори, да ужива во креативноста и да ја пренесува таа енергија на широката маса! Но за жал, народот се научи да се храни само со негативни вести, лоши стории, турски серии полни со насилство и тага… Едноставно чувствувам како да сме во масовна хипноза, секој на секого е непријател, секој се сити на туѓата мака и така се теши за својата.

Прво што треба да се промени е перењето на мозоци кое што владее во одредени медиуми, луѓето да почнат да размислуваат со своја глава, да се излезе од просечноста и да си поставиме повисоки цели и стандарди. Да сфатиме дека политиката, индустријата и производството работат за нас, а ние за нив. Ние одлучуваме што ќе одбереме да консумираме, во нас е моќта! ,

,Да го исклучиме телвизорот и да го вклучиме мозокот,, е една реченица која што ја прочитав неодамна, таа е заклучок од едно предавање на кое што се зборува за моќта на медиумите и рекламите,, – раскажува Елена.

Таа исто така тврди дека субвенциите кои што владата започна да им ги доделува на пејачите, се уште еден аларм за тоа кое што се случува со уметноста во Македонија.

,,Не велам дека некој мислел нешто лошо кога го осмислувал проектот со субвенциите, туку искрено ми е жал што дојдовме до еден ваков момент, да чекаме помош за да ја одржуваме естрадата која што е одамна потоната. Не може да се биде ѕвезда со субвенционирани пари кои едвам ја покриваат аудио и видео продукцијата, со позајмена гаредроба од некој бутик и со песни кои нема каде да се промовираат!

Околу тоа дали субвенциите им се доделуваат на вистинските личности, има одредени пропусти, но има и колеги кои што заслужено добиле право на субвенции. Начинот на доделување не е добро регулиран и се заснова врз симпатијата на комисијата кон изведувачите, барем јас така слушнав, а верувам и дека имало такви ситуации. Не знам ниту дали некои од субвенционираните песни се вистински хитови, но знам дека повеќето мои колеги, без оглед дали биле наградени или не, се трудат во овие тешки времиња да го издржат товарот и не ми е драго кога ќе прочитам негативни коментари за нашата естрада, затоа што таа е огледало на сето она што ни се случува во државата, не сме само ние музичарите единствени кои што не функционираат како што треба, проблемот не е само во нас!

Ние сме симбиоза со електронските и печатени медиуми, со фидбекот од публиката, со спонзорите… И во минатото, не така одамна, беа истите пејачи, истите композитори, можеби и некои полоши песни од денешниве, но енергијата во оваа димензија не е иста како тогаш,, – изјави Петреска за ,,Фокус,,.

Таа е присутна на естрадата повеќе од десет години и зад себе има еден албум и голем број на синглови и фестивалски песни.

 

Поврзани новости