Додека Србија јуриша кон Европа, ние заличивме на Србија од времето на Милошевиќ

by Фокус

Текстот е објавен на 17 септември 2010 во неделникот „Фокус“ број 794

Пишувал
Ване ЦВЕТАНОВ

Некој триесетгодишен сиромав човек во времето на турско, неиздржувајќи го гладот, отишол да замоли кај султанот да му се подобри животот, но, добил одговор да се стрпи. Човекот чекал до четириесетата година, кога повторно отишол да потсети на ветеното, бидејќи сиромаштијата и гладот не се трпеле, меѓутоа, повторно добил одговор да се стрпи. На педесет години, веќе нервозен, повторно добива одговор дека треба да се стрпи уште сосема малку. На шеесет години оди повторно и добива одговор: Па ти веќе се навикна на сиромаштијата, сега за малку ли да те мачам да ги менуваш животните навики?!

Транзиција, приватизации, шверцови, криминали, ембарга, војни и какви ли не грдотии се синоним за изминатите дваесетина години за целиот Балкан. Политичарите се почесто нѐ потсетуваат на лошите времиња и овие зборови ги користат  во секојдневниот вокабулар како причина за денешниот лош стандард. За денешните политички неуспеси сѐ почесто се бараат изговори во минатото, а се избегнува соочување со денешницата. Многу ретко се користи терминологија која би покажала политичка, но и демократска зрелост. Ќе биде доблесно да се покаже подготвеност да се оттргнеме од минатото и да почнеме да работиме за иднината!

НИЕ НЕ ГО ДАВАМЕ КОСОВО?!

Факт е дека до пред дваесет години живеевме во социјалистички систем, и, нормално, за времето на тој систем се создадени и соодветни навики.  Начинот на живот, организацијата на општеството, на економијата, покрај сите недостатоци, нуделе одреден квалитет на живот. Најголемиот дел од луѓето биле срќни, се чувствувале безбедно, имале квалитетно здравство, пензии, станови, работа, можеле да си дозволат летувања, зимувања… Ако гледаме низ призмата на слободата и демократските придобивки, јасно е и знаеме какви недостатоци и какви кршења на основните човекови права  имаат тоталитарните режими!

На осми септември деведесет и првата, секој Македонец се надеваше на подобар стандард,  поквалитетно образование и здравсвто, на поголема слобода и толеранција, на подобра иднина, на подобар живот со сите придобивки од демократијата. Во тој период, седумте денешни држави (шест републики плус Косово, тогашна покраина) тргнавме од иста стартна позиција. Пред стартот живеевме во една иста земја, ист систем, ист економија. Директорите, политичарите, учеле во исти школи, воделе економија и политика во еден ист систем. Но, Словенија направи успешна транзиција за неколку години и експресно влезе во ЕУ и НАТО. Хрватска ја привршува транзицијата, веќе е во НАТО и одлучува кога да влезат во ЕУ. Ние, пак, остануваме заглавени во тунелот, во кој не се гледа светлоста, не знаеме дали воопшто има излез!?

Клучните прашања се: Кои се причините што стигнавме до овој слеп колосек? Кој нѐ донесе до ваков очај? Дали некој намерно не заглави овде? Дали на крај некој треба да сноси одговорност? Ако сакаме прогрес, ако сакаме подобро утре, мораме да ги лоцираме кочниците, причините и факторите кои постојано не водат свесно на слепиот колосек!

Според мене, главниот проблем се крие во сервилноста на одредена група на наши политичари, бизнисмени, влијателни луѓе во општеството, кон подрумски политичари и пропаднати структури од Белград. Можеби ова е кажано и искоментирано сто пати, но, доколку направиме сериозна анализа од денешен агол, дваесет години навистина правиме грешки на наша штета во интерес само на одредени структури од север!

Омразата, тензијата, нарушувањето на соживотот со нашите сограѓани Албанци, беше чист интерес само на Белград. Во времето на Милошевиќ, неговите аналитичарии имаа направено одлични пресметки дека Македонија не смее да се развива и мора да биде тензична, додека тие водат битки на повеќе фронтови.

За време на ембаргото си имаа контрола над клучни структури и имаа обезбедено сигурен вентил за поток на стоки. За време на бомбардирањето си обезбедија автобуси за бранење на нивните идеали, за бранење на Бранков мост. Покажаа сила со палењето и на американската амбасада во Скопје, се креираше и анти-нато клима, солидарност и подршка во секој поглед.

За жал, покажавме дека сме биле полојални на Милошевиќ, отколку на западната политика. Според мене, и конфликтот во 2001-та беше сценарио и чист профит само за службите на Милошевиќ. Косово, согласно Кумановскиот договор, наместо во 2002-та, стана независно многу подоцна. Практично, со конфликтот преку нас покажаа на светот колку се лоши Албанците и си купија време од неколку години. Свесно или несвессно, и официјално и неофицијално, последиците од таа пропаганда ги има сѐ уште!

Неделава, низ интернет-пространството прочитав многу коментари од Македонци, кои пишуваат патриотски коментари, дека Косово е српско, дека не го даваме. Каква мизерија, какво понижување… Србите сами сфатија дека независноста на Косово е факт, дека Косово стана независна држава, самите сфатија дека е подобро да ги омекнат позициите и направија компромис со резолуцијата во ООН, а за таа сметка експресно да ги надоместат сите штети со промптно прешалтување на перонот за Брисел. Ние, пак, продолжуваме да го браниме Косово!?

Поради немањето чувство за државност, ние прокоцкавме многу шанси, бевме лидер во регионот со процесот на ЕУ интеграции, но, свесно пропуштивме многу возови. Западните партнери сфатија дека на сила не можат да ни дадат ништо, сфатија дека не можат да се потпрат на нас како партнери, бидејќи стана јасно дека нашите политичари за секој чекор бараат и чекаат дозвола од Белград. Затоа, не случајно западните дипломатии го зголемија вниманието кон Србија во последниве две-три години, стана јасно дека кога Србија ќе тргне кон ЕУ, и Македонија експресно ќе поита во таа насока!

Фала Богу, работите на север конечно тргнаа во одлична насока, бидејќи ова е последната надеж дека и најтврдоглавите ќе сфатат дека нема друг пат за развој, освен патот кон Брисел. Овој процес е за поздравување и е интересен од повеке аспекти.

Прво, овие процеси сакале или не сакале за некое време ќе нѐ зафатат и нас, бидејки се докажа дека нашите политичари најбрзо и најдобро копираат од Србија, па, преку глава од копиите на системот на Милошевиќ, нека почнат да препишуваат и по нешто корисно од таму!

ШКОЛСКИ ПРИМЕР ЗА НЕУСПЕШНА ОПЕРАЦИЈА

Второ, доаѓа времето на сечење на папочната врвца со матните подземни, подрумски структури и доаѓа вемето за уште поголемо зајакнување на релациите со соседите, но, на државотворен начин. Добри соседски односи кои ќе го зачуваат интегритетот и достоинството на сите, без оставање на било каков простор за интрига, или, пак, политичка игра од која за сметка на еден сосед би профитирал друг сосед!

Србија се европеизира, западната култура и демократските вредности напредуваат многу сериозно, вредносниот систем се менува на позитивно, национализмот сериозно ја губи битката со демократијата. Соработката со Хаг стана реалност, веќе гледаме отварање на предмети за воени злосторства и во самата Србија, против Срби!

Има огромни напредоци и во борбата против организираниот криминал, се отвори вистинска рововска битка во која нема импровизации, селективност, пазарења. Дојде до моментот кога пукна чашата и нема назад, нема калкулации со довчерашните политички соработници, спонзори на политички партии, престижни бизнисмени, или пак ценети личности во политичкиот живот.

На фронтот, од една страна се поставени државата, односно институциите, без разлика кој од која партија е именуван, назначен, или пак се вработил, а, од друга страна се клановите, организираните групи на криминалци, шверцерите. Работата е дојдена до точка од која нема враќање, никој не може никого да заштити, затоа што се води историска битка, каде во прашање е да се биде или не, во прашање е дали држава или мафија, дали институциите ќе го победат вистинскиот криминал, а со тоа ќе ја докажат својата подготвеност и зрелост за ЕУ. Таму изгледа навистина се води битка во која искрено, за татковината се работи!

Овој одличен напредок е резултат на високиот политички капацитет на одредени политичари, кои сфатија дека без разлика што и се случи на нивната земја, дека за тоа директно виновен беше Милошевиќ. Сфатија дека нема друга алтернатива за Србија, освен европската интеграција. Подобро упатените знаат дека и ЕУ фондовите се трошат беспрекорно, но и дека реформите се водат искрено, се зајакнува капацитетот на сите државни институции, се корнат инсталациите и навиките оставени во наследство кои биле поставени од Милошевиќ.

Добрата вест е дека Србија на тој пат може да изненади и да добие датум за преговори многу порано отколку што се очекува. Доброто е што конечно нашите политичари ќе сфатат дека и ние сме навистина за ЕУ и НАТО. Конечно ќе сфатат дека нема потреба од неискрените политички игри со светот. Ќе снема потреба да лажеме дека сме за ЕУ, а, згора на сѐ, и да мислиме дека ни веруваат. Конечно, внесени во занесот на копирање на политиките од север, сакајќи или не сакајќи, ќе го донесат долго очекуваниот искрен ЕУ и НАТО ветер и кај нас!

Прогресот на север ќе ги отвори кај нас долго очекуваните теми и прашања. Време е за вадење на површина и за осуда на оние кои сосема добро знаеле дека прават штета на општеството, за сопствен или за туѓ интерес. Дојде времето и за лустрација. Време е да се погледнеме во очи и да се прашаме, дали сакаме развој? Дали сакаме прогрес? Дали конечно сакаме да бидеме искрени во декларирањето за НАТО и ЕУ? Дали сме ссвесни дека секој треба да промени по нешто и кај себе, за да почне да се менува општеството? Ако сакаме иднина, прво треба да се разбереме – каква иднина навистина сакаме? Ако сакаме да свртиме нова станица, треба да расчистиме со луѓето кои свесно штетеле во минатото. Како последици од таквата себичнст направиле сериозни штети, од кои до ден-денешен сме заглавени и економски и политички!

Македонија помина транзиција, која ќе биде школски пример за неуспешна, дезориентирана, антидржавна операција. Но, не е коректно секогаш и за секоја грешка вината да ја бараме во сите политичари од тоа време.

Не е во ред, една цела генерациска група да ја ставаме во ист пакет. Имало и чесни и нечесни, имало и патриоти и предавници. Треба да бидеме внимателни околу етикетирањата, да внимаваме да не направиме поголеми штети со дополнителни поделби и фрлање на анатеми. Понекогаш вината треба да ја побараме и во претходниот систем. Некои политичари, кои можеби и сакале да направат нешто позитивно, биле соочени со лоша околина и оскуден избор на ресурси, кадри.

Спојот од системот и нашиот чуден менталитет, создале неуспешни или пак алчни директори, кои немале ниту знаење и капацитет а ни чувство за одговорност. Затоа, кај нас огромен број на компании пропаднаа, затоа се продадоа како старо железо, затоа маса луѓе остана на улица, стопанството потона!

НЀ ПРЕШИШАА НА „ПУНА“ ЛИНИЈА!

Иронично е што реториката на директорот Шоиќ во Тесна кожа, филм снимен за времето на другиот систем, сѐ уште важи, сѐ уште се користи истата терминологија, трансформации, реорганизации, систематизации… Говорот е стар повеќе од дваесет години, но очигледно е дека ништо не мрднало. Останала реториката, а за жал голем дел од тогашните препријатија ги нема.

После дваесет години, Словенија веќе заборави од кога веќе е во ЕУ и е позитивен пример за сите нас, Хрватска веќе одамна е во НАТО и е на самата врата од ЕУ, а Србија, која беше последна, која водеше војни до пред некоја година, која беше под диктатура цела деценија, од најуназадена и унакажана и на политички и на економски план нѐ помина на „пуна линија“. Нѐ помина со двеста на саат. А ние не сме ниту на патот. Што е најтажно, го немаме искрено фатено ни правецот. Се лажеме дека го имаме фатено курсот и еве божем се движиме. Можеби и се движиме пеш околу светот, кој знае, но, можеби преку Африка?

Ако сакаме да направиме нешто за идните генерации, ако сакаме да тргнеме од нула, или од минусот кој веќе е направен, треба да направиме неколку работи. Владата треба да престане да бара изговор во проблемот со името, да престане да прави сплетки со минатото, да престане да го дува балонот со тезата дека името и идентитетот одат во пакет. Под итно да се бара решение, бидејќи светот ни помага, светот е на наша страна, и треба да ја искористиме подадената рака. Со решението на името, сите знаеме дека конечно и ние ќе се престроиме на правиот пат, итно ќе влеземе во НАТО и брзо ќе почнеме преговори со ЕУ. Бенефитите од ова се јасни и нема потреба да ги коментирам!

Следно, мора да се расчисти со темата за конфликтот од две илјади и првата и да се најдат причините и виновниците кои допринеле до тој конфликт. Мора да се види кој свесно ги испровоцира Албанците за да посегнат по оружје? Кај Албанците да се пронајде кој бил поврзан со службите на Милошевиќ и кој одиграл за српскиот интерес, а наштетил на Македонија и на Косово?

Во иднина не смееме да помислиме да имаме лоши меѓуетнички односи, бидејки омразата кон Албанците  е чисто непознавање на политиката и тешка глупост. Да не беа тие, ние одамна ќе бевме многу далеку и од  НАТО, можеби веќе ќе бевме и Вардарска Бановина. Мораме да го заборавиме квазипатриотизмот, мораме да се вклопиме со светските трендови и да се движиме напред!

Клучното е дека на осми септември деведесет и првата, секој граѓанин се надеваше на подобар живот. Но, жалното е што денес, огромен дел од нашиот народ сѐ повеќе жали по социјалистичките времиња. Тоа е погубно. Во две илјади и десетата, да се жали по социјализмот… Тоа е страшно. Тоа е најсилниот доказ за неуспешната транзиција, крунски доказ за изгубените дваесет години. Наместо придобивки од плурализмот, добивме хаос и неквалитетен живот. Копнеењето по социјализмот директно упатува дека сѐ уште тонеме, дека сѐ уште не сме го допреле ни дното. Време е да се свестиме!

Поврзани новости