Додека не се избере влада, студентите нема да добијат стипендија!?

by fokus 14:32
14:32

Студентите кои аплицирале за добивање на стипендија останаа со празни џепови бидејќи додека не се формирало влада, нема да бидат објавени резултатите, а со тоа ќе доцни и исплатата.

Аплицирањето за стипендија се вршеше на почетокот на декември, а набрзо по тоа требаше да бидат познати и резултатите, а парите да им легнат на сметка пред новогодишните празници. Но, од Министерството за образование и наука велат дека добиле забрана од Државната комисија за спречување на корупција да ги објават резултатите пред да биде формирана владата.

-Резултатите од конкурсот за доделување на ученички стипендии за учебната 2016/2017 година, ќе бидат објавени по завршување на изборниот процес, односно по изборот на пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија. Имено, согласно пристигнатото мислење од страна на Државната комисија за спречување на корупција, постои законска пречка за објавување на списокот на кандидати на кои ќе им биде доделена ученичка стипендија, појаснуваат од Министерството за образование и наука.

Од овој одговор останува нејасно со која законска одредба ДИК ја поткрепува својата одлука.

Според објавениот конкурс на МОН на 19 октомври, годинава ќе се доделат стипендии на вкупно 2.890 редовни студенти, од кои 1.500 се за социјални категории, а 1.390 за студенти кои оствариле особено висок успех.

Висината на стипендијата за студентите од социјални категории изнесува 3.300 денари и се исплаќа за девет месеци, а за студентите кои постигнале особено висок успех, зависи од факултетот на кој студираат, а се движи од 4.400 до 18.000 денари.

Валентина Вурмо

Поврзани новости