Доаѓаат 600 илјади вакцини, пунктовите ќе се отворат за сите заинтересирани граѓани

by Fokus

До крајот на месец јуни се очекува да стигнат околу 600 илјади вакцини со што ќе може да се забрза процесот на вакцинација кој изминатиов период е забавен. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на 28 јуни треба да стигнат 100 илјади вакцини „Фајзер“ преку ковакс-механизмот, а до 30 јуни се очекува и пратката од 500 илјади кинески вакцини „Синовак“. Со тоа како што рече министерот во следниот период ќе има можност да се отворат вакциналните пунктови за секој граѓанин кој ќе сака да прими вакцина против ковид.

-На крајот на следната недела се очекуваат овие големи количини да пристигнат, за неделата потоа значајно да се забрза процесот на вакцинација. Во период не подолг од две недели сите пријавени граѓани кои чекаат термин, а тоа се близу 180.000 ќе добијат термин и ќе се вакцинираат. За после тоа да ги отвориме пунктовите за сите кои ќе покажат волја да се вакцинираат на лице место, изјави Филипче.

Филипче денеска потврди и дека во земјава има регистрирано уште еден , втор случај на индискиот сој на коронавирусот, поврзан со претходниот пациент кој се врати од Ирак.

-Битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на бoлеста или од смртен исход, дури и од таква мутирана форма на вирусот. Досега епидемиолошките анкети кои се направени покажаа дека нема некаков ризик, а со тоа и дополнителни мерки не треба да се прават, додаде Филипче.

Поврзани новости