До мај да има јасна слика за иднината на Македонија

by Fokus
Илхан Ќучук, известувачот за Македонија во Европскиот Парламент денеска во својство на заменик претседател Европската Алијанса на либерали и демократи (АЛДЕ) зборуваше на конференцијата „Процес на пристапување во ЕУ-Што понатаму?“ и притоа апелираше пред Самитот на ЕУ во Загреб во мај да има јасна оценка како за критериумите така и за иднината на процесот на преговори, а со тоа и за иднината на Република Македонија во ЕУ.

Конференцијата во Скопје ја организираа ЛДП и АЛДЕ, а на неа освен Ќучук зборуваа и други претставници на оваа алијанса.

-За нас НАТО и ЕУ е приоритет. Ние го поддржуваме членството на Република Северна Македонија во двете организации. Сметаме дека највисоките демократски стандарди можат да бидат донесени токму од НАТО и од ЕУ. Имаме конкретни чекори врз основа на кои следните месеци ќе го разработиме нашиот план. Во март ќе организираме голема конференција за Западен Балкан, каде ќе бидат поканети претставници на либерлано – демократските партии, на невладините организации и на бизнисот за да бидат дискутирани приоритетите како во земјите, така и во регионот. Второ, на дневен ред е т.н. „нон пејпер“ чија цел е да се променат критериумите за членство на земјите во ЕУ, вели Ќучук.

Процесите со овој документ се следат со особено внимание, додава тој, посочувајќи на главните работи што ги содржи – истовремено отворање на поглавја, можноста за повторно отворање на веќе затворени поглавја доколку има потреба, како и владеење на правото, почитување на законите, почитување на човековите права и слободи. Вториот суштински момент во документот, како што додава, се таканаречените фази на преговорите.

-Како европски либерали имаме многу прашања, како за документот така и за тоа како ќе се однесува самата методологија за Црна Гора и за Србија кои се во различна фаза во преговарачкиот процес. Трето, нашиот апел кон европските институции е до крајот на март да излезат со став за тоа каква ќе биде оценката на трите институции ЕП, ЕК и ЕС за иднината на регионот во Европската унија бидејќи тука видовме една многу категорична оценка со многу широко мнозинство во ЕП за Република Северна Македонија и Република Албанија, многу висока оценка на ЕК со целата методологија во која се вели дека државата се развива добро, демократските стандарди се случуваат и реформите се реализираат, но во исто време Советот кој има право на вето, имаше друг став. Затоа сакаме пред Самитот на ЕУ во Загреб во мај да има јасна оценка како за критериумите така и за иднината на процесот на преговори и за иднината на Република Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, рече Ќучук.

За „нон пејперот“, Ќучук вели дека на него гледа како на еден првичен драфт-документ. Аргумент зошто Македонија треба да биде дел од ЕУ, тој вели дека е ставот на Унијата оти сака да се граничи со држави кои се демократски и имаат високи стандарди, кои се како во ЕУ.

-Вториот аргумент е доколку ЕУ сака да има глобална улога во светската политика јасно е дека тоа треба да се случи со приклучувањето на Западниот Балкан кон ЕУ. Има една дилема во моментот, а тоа дали ЕУ треба да продолжи со реформирање на самата себе или треба да се занимава со проширувањето. За нас тоа може да биде паралелен процес и приклучувањето на Западен Балкан кон ЕУ и истовремено реформи кои се очекуваат од граѓаните на ЕУ, рече европратеникот.

Поранешниот министер за одбрана на Словенија, Роман Јакич изјави дека очекува следната недела на самитот на НАТО во Лондон да се искристализира ставот дека Македонија ќе биде поканета да стане членка на Алијансата. Истовремено, вели Јакич, интерес на Словенија е Македонија да стане членка и на ЕУ.

Емил Кирјас, потпретседател на ЛДП истакна дека Северна Македонија не треба да биде фокусирана само на внатрешни прашања туку и на настаните во самата ЕУ. Идната година започнува конференцијата за иднината на Европа, а исклучително е важно за нас, вели тој, ние да бидеме вклучени во таа дебата. Кирјас повика за ставот за новата методологија за преговори и за самиот процес Владата да ги консултира сите засегнати страни и додаде дека и тие како ЛДП не се консултирани.

-Од исклучителна важност е националниот консензус по ова прашање. Се говори за нова методологија, и таа мора да биде изградена како национален консензус што ни одговара нам, и кога велиме на нам тоа се однесува на сите. Владата не може сама да го подготвува. Оваа држава има капацитети и ресурси кои се надвор од Владата и од администрацијата, надмор од МНР и СЕП, одговорот на Македонија за новата методологија мора да произлезе од поширока национална дебата која во моментов не постои. Владата не би требала да испраќа свој одговор без да ги консултира сите, рече Кирјас.

Поврзани новости