Дневни активности во Кампот на Слободата

by Фокус

Попладнево продолжуваат активностите во кампот пред Владата на Република Македонија. „Граѓаните за Македонија“ и денес ќе понудат богата програма исполнета со трибини, отворени дебати и забава.

Имено, со почеток во 18:00 часот ќе се одржи дебата со наслов „Колку малку е премногу? – каква даночна политика генерира повеќе правда?”. Дебатата ќе биде организирана од здружението ЏЕФ Македонија и на неа ќе учествуваат професорот Ванчо Узунов од економскиот факултет во Скопје; Бојан Богески – ко-основач на либертаријанскиот клуб Атлас; Јасмина Голубовска од платформата за граѓанска политика АЈДЕ! и економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Говорниците на оваа дебата ќе зборуваат за актуелната состојба со Законот за хонорари, неговата реална примена, но и можните последици од неговото применување. Исто така, учесниците во дебатата ќе се осврнат и на европските решенија со позитивна пракса и начините како тие би се имплементирале во Република Македонија со цел приближување на нашата држава кон ЕУ.

Од 20:00 часот па се до 22:00, граѓаните во кампот на слободата ќе имаат можност да уживаат во музичкиот избор на познатиот бизнисмен и поранешен градоначалник на Скопје – Трифун Костовски кој во улога на диџеј ќе се погрижи да ја одржи пријатната атмосфера во кампот пред Владата.

Инаку, широката граѓанска и натпартиска коалиција „Граѓаните за Македонија“ веќе дванаесетти ден кампува пред Владата на Република Македонија барајќи оставка од актуелната влада на чело со Никола Груевски.

 

Поврзани новости