Синдикат на македонската дипломатска служба: Амбасадорката Караѓозоска да се отповика

by Фокус

Синдикатот на македонската дипломатска служба соопшти дека амбасадорката на Македонија во Хрватска, Даниела Караѓозоска, ја прекршила Виенската конвенција за дипломатски односи затоа што на својот профил на Фејсбук истапила со огромно жалење за оставката на Гордана Јанкулоска.

„Ова е нашиот заклучок откако констатиравме дека тоа е точно, а имајќи го предвид принципот на функционализам од преамбуларниот параграф 4 на Виенската дипломатска конвенција, застанавме на гледиште дека нашата амбасадорка во Хрватска и повеќе од очигледно го прекршила чл. 3/1-а од истата Конвенција! Да пратела некој е-мајл или друг затворен облик на комуникација до нејзината другарка, партиска соборка или … Горде и да и’ го кажела ова истото – тоа си е приватна работа. Ама, истапување во јавност – е срамно на кажување СТАВ НА ДРЖАВАТА!??? Тоа, автоматски значи дека сите ние (не само таа) се идентификуваме со личност за која имаме многу јасни индикации за: прекршување човекови права, злоупотреба на службена дејност, сторени (тешки) кривични дела …“, се наведува во соопштението.

Синдикатот информира дека поради тоа побарал од министерот за надворешни работи Никола Попоски јавно да се огради од настапот на амбасадорката, да ја повика на консултации во Македонија, а во зависност од тоа и да се размисли за нејзино отповикување.

„Не добивме одговор ниту пак видовме дека министерот Попоски нешто презел. Од друга страна, како што можеше да се претпостави, однесувањето на нашата амбасадорка во Хрватска – ескалираше. Покрај другото, таа дури решила да демантира дека луѓето што излегле да протестираат пред нашата амбасада во Загреб се „… Македонци во Хрватска…“, па дури и да побара тоа и медиумот каде била објавена веста – самиот да го демантира. Меѓутоа, од објавените фотографии е видливо дека се работи за Македонци кои и’ се познати на нашата Дипломатска служба по име и презиме, со авторитет и дигнитет… И, тоа не е се’! Таа ја изложила и цела Македонија и нашата Дипломатска служба на ПОТСМЕВ, реагира Синдикатот на Македонската дипломатска служба.

Поврзани новости