ДКСК се откажа од испитување коруптивни елементи при јавните набавки во време на Ковид

by fokus

Најголем дел од јавните набавки за стоки и услуги во време на КОВИД-пандемијата биле спроведени со преговарање без објавување оглас поради итност. Антикорупциската комисија која по сопствена иницијатива отвори предмет, денеска на седница одлучи да го запре постапувањето со заклучок дека корупција не може да се потврди поради тоа што слабостите се должат пред се на немање ефикасен систем за набавки во вонредни услови и дека пандемискиот период бил „хаотична ситуација“ во целиот свет.

Катица Николовска, член на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), образложувајќи го предметот соопшти дека во нивната анализа избрале одредени јавни набавки на неколку институции – Владата на РСМ – Генерален секретаријат, Град Скопје, ЈЗУ Градска општа болница „8 Септември“, Институт за белодробни заболувања кај деца Козле, ЈЗУ Клиничка болница Штип, Министерство за внатрешни работи, Министерство за здравство, Општина Бутел, УКИМ – Медицински факултет.

Од нив побарале и добиле документација за набавките, а од Државниот завод за ревизија побарале ревидирање на постапките за да се утврди незаконитост при спроведувањето и ДЗР го објавил извештајот на неговата веб-страница.

Извештајот нотира бројни слабости при реализација на договорите за набавките и не е обезбедена задоволителна транспарентност, посочи Николовска. Поради итност на набавките не е вршено квалитетно планирање на набавките и покани за преговарање се доставени до помал број економски оператори и без анализа на количините на средства и опрема што се потребни. Дел од тендерските документации не им обезбедувале на економските оператори целосни и прецизни информации во врска со начинот на спроведување на постапките и не е обезбедена конкурентност за економските оператори.

При анализата ДКСК предвид ги имала и полугодишните извештаи од мониторингот на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации кои, како што рече Николовска, постојано укажуваат на огромни разлики во цените за набавка на ист производ.

Поврзани новости