Дирекција за заштита и спасување: Граѓаните да не се движат покрај реките

by fokus

Поради нестабилното време проследено со локален пороен дожд, грмежи и град, предизвикано од циклонска активност, Дирекцијата за заштита и спасување апелира граѓаните да не се движат покрај реките и речните брегови во земјата.

– Согласно Законот за заштита и спасување и најавата на УХМР за нестабилно време проследено со локален пороен дожд, грмежи и град, предизвикано од циклонска активност, Дирекцијата за заштита и спасување ја следи ситуацијата и навремено ги извести сите подрачни одделенија за заштита и спасување како и единиците на локалната самоуправа за превземање на мерки во своите надлежности. Дирекцијата за заштита и спасување АПЕЛИРА до граѓаните да не се движат покрај реките и речните брегови низ земјата, се вели во соопштението Дирекцијата.

Утрово, УХМР информираше дека и покрај најавените поројни врнежи во наредните денови, нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата, но, предупреди дека е можно слевање вода во градските урбани средини.

– Почнувајќи од денешните попладневни часови, па во наредните неколку дена, како резултат на циклонска активност, ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи, град и ветер. На поедини места од државата се најавуваат локални поројни врнежи од дожд (на поедини места над 30 литри на метар квадратен, при што нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата, наведува УХМР.

Според Управата, на одредени места врнежите се очекува да бидат поинтензивни, да паднат за кратко време и да бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер.

– Поради тоа, можна е појава на слевање вода во градските урбани средини поради неможноста за нејзино одведување. Исто така, при краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците и нивно локално излевање. При такви околности, предупредуваме на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава, информираше УХМР.

Поврзани новости