Во Апелациониот суд денеска се одложи јавната седница на која требаше да се разгледуваат жалбите на осудените за случајот „Монструм“, бидејќи од затворот „Идризово“ не беа донесени двајца од неправосилно осудените, Агим Исмаиловиќ и Хаки Азири.
-Судот до овој момент не е известен зошто од затворот „Идризово“ не се спроведени осудените Агим Исмаиловиќ и Хаки Хазири, уредно известени и поради тоа нема услови за одржување на јавната седниц, истакна судијката Љиљана Ивановска Шопова, претседтел на пет члениот судски совет.
Но, од затворот „Идризово“ добивме сосема различен одговор. Директорот Живико Пејковски за „Фокус“ истакна дека во затворот не пристигнала наредба за спроведување.
-Еве сега проверивме и во архива, но од Апелациониот суд воопшто не сме добиле наредба да ги спроведеме осудените. Доколку не ги бараат ние не можеме самите да ги носиме во судот, дециден е Пејковски.
Останува нејасно зошто судот не ги побарал осудените, кога јавната седница беше закажана уште пред еден месец. Во јавноста почнаа да кружат шпекулации дека одложувањето на јавната седница не е случајно, и дека е поврзано со последните политички случувања.
На јавната седница присуствуваа осудените Фејзи Азири, кој беше донесен од затворот во Штип и Самир Љута, донесен од затворот „Скопје“. За двајцата првообвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои издржуваат казна во затвор на Косово, поканите биле ставени на огласна табла.
Судот наредната јавна седница ја закажа за 11 септември.
Случајот „Монструм“ стартуваше поради убиството на четирите момчиња Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски и Филип Славковски, како и рибарот Борче Стевковски, кои беа убиени во близина на Смиљковското езеро на 12 април 2012 година. Според првостепената пресуда, казна доживотен затвор добија Алил Демири, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири, и Сами Љута, а Сејди Рами беше ослободен од обвинение.