Директорот на Неврохирургија трет ден лежи на Инфективна со мали сипаници

by fokus

Директорот на Клиниката за неврохирургија Владимир Рендевски е меѓу заболените од мали сипаници, кои се лекуваат на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Тој вели дека веќе неколку дена е на Клиниката, и дека не знае како се заразил со морбили.

„Веќе трет ден сум на Клиниката за инфективни болести. Денес сум малку подобар, инаку бев со висока температура и со треска. Минатата недела имаше и други два-тројца вработени кои заболеа и тие не се на работа. Секојдневно сме во контакт со пациенти од различни делови на земјата, доаѓаат и амбулантски ги прегледуваме, затоа и апелот до сите што не се вакцинирани да се вакцинираат“, вели Рендевски во изјава за порталот СДК.

Тој вели дека меѓу пациентите што се лекуваат кај нив на Клиниката нема заболени од мали сипаници и дека скоро сите вработени на Клиниката се ревакцинирале.

„Јас не се ревакцинирав. Колку што знам, како дете сум вакциниран против мали сипаници, но изгледа сум бил вакциниран само со една доза од вакцината. Нема штета луѓето да се ревакцинираат, без оглед на тоа дали имаат една или две дози. Епидемијата се шири и затоа треба построго да се применуваат овие мерки“, вели Рендевски.

Поврзани новости