Директорката на Инфективна клиника, Стевановиќ уверува: Пописот ќе биде безбеден!

by Fokus

Почитувањето на мерките е стожерот во спречувањето на ширењето на корона вирусот, вели директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, Милена Стевановиќ, која во интервју за МИА, посочи дека сепак зголемениот број на случаи изминатиот период се должи и на британскиот сој, кој полесно се пренесува.

Според неа, одговорноста за зголемување на новозаболените, чија бројка на дневно ниво во билтените на Министерството за здравство достигнува над 900 случаи, ја има и високиот процент од околу 70 отсто на осцилирање на британскиот сој.

Стевановиќ нагласува дека болничките капацитети се практично пополнети, поради што е отворена и модуларната болница, но напоменува дека засега состојбата е стабилна со оглед на тоа што има постојан испис, а потоа упис на новопримени пациенти кои имаат потреба од болничко лекување.

За пописот, кој треба да почне на 1 април, Стевановиќ нагласува дека е донесен Протокол, во кој детално се обработени мерките и кој, како што рече, обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на операцијата.

Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести, во која членува и Стевановиќ.

– Колку што јас го знам, а го знам до детали протоколот и гарантирам негова ефикасност во смисла на обезбедувањата, не можам да предвидам колку од луѓето стравуваат или не стравуваат и дали би ги пуштиле попишувачите или не секако, но исто така верувам дека ако се плашат граѓаните, можеби сега, знаете како е, сепак зборува – еден бел мантил тука кој 13 месеци се бори со Ковид-19 и имаше прилика да види различни состојби. Ако граѓаните се плашат толку колку што барем ни се презентира дека се плашат од Ковид инфекцијата немаше да имаме ние толкави бројки. Навистина сметам дека нашето однесување мораме да го донесеме до максимум сериозен однос кон ширењето на инфекцијата и ако се придржуваме до се нема да има проблем ниту за попис, ниту за какво било ширење од друг извор, можен извор или ризик на инфекцијата. Повеќе од сигурна сум дека кога би се однесувале соодветно секаде од продавница до попис, нема да имаме никаков проблем, вели Стевановиќ во интервјуто за МИА.

Поврзани новости