Двајцата директори на Фондот за здравство Маја Парнаџиева – Змејкова и Џемали Мехази денеска во последен момент го одложиле гостувањето во дебатната емисија Топ тема на Телма телевизија, за да објаснат за случајот со деветгодишната Тамара Димовска од Велес, којa имаше искривување на рбетот и којa почина пред неколку дена, чекајќи го решението за операција во странство.
Од телевизијата тврдат дека тие ја промениле и програмската шема, само да им одговара на поканетите гости, со цел да се дознае вистината за овој случај.
– Дури се соогласивме и со барањето во емисијата да гостуваат и двајцата директори, бидејќи заедно ги потпишувале одлуките, за на крај – денеска во последен момент, раководството на Фондот да се откаже од гостувањето, со објаснување дека на директорите им е потребно да го сочекаат и исходот од обдукацијата на Тамара. Телма смета дека ваквиот однос на Фондот за здравство е крајно непрофесионален и неодговорен. Изговорите на Парнаџиева – Змејкова нема да не запрат да ги поставуваме прашањата за нејзината и морална и професионална одговорност, и на вториот директор Џемали Мехази. За тоа кој е тој од горе што им наредил на членовите на Комисијата, да не дозволат лекување во странство, зошто цели четири месеци документите за Тамара стоеле во нечија фиока, па се до тоа – до каде оди бирократската небрежност и суровост, па на семејството Димовски да им испрати одобрение за лекување посмртно – два дена откако Тамара почина? – известуваат од телевизија Телма.