Директорот на основното училиште „Рилиндија“ од тетовско Селце правел финансиски малверзации така што кај дел од вработените префрлал пари од сметката на училиштето, а потоа под изговор дека била направена грешка, барал вработените да ги извaдат парите и во готово да му ги дадат, информира „Транспаренски интернешнл – Македонија“ (ТИ-М)
Пријавувачот и сам бил жртва на ваквите постапки и затоа побарал да биде анонимен.
„Транспаренси“ веднаш упатиле пријава до тетовското обвинителство, од каде пријавата била препратена до Финансиската полиција, која пак, деновиве ја известила невладината дека постапила по претставка и поднела кривични пријави против директорот на училиштето и против лицето претседател на Советот на училиштето, за помагање.
„Во вториот случај од мај годинава станува збор за пријава до ТИ-М дека при вработување преку конкурс во Националната установа Завод и Музеј – Струмица, е примено лице кое е син на директорот на Музејот, кој пак го вршел и изборот на кандидатот. ТИ М првин со барање за пристап до информации ја потврди информацијата од установата, а потоа упати претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која откако го проверила случајот и констатирала дека се прекршени Законот за спречување на судир на интереси и Законот за спречување на корупцијата, поради што нѐ извести дека во рамки на надлежноста ДКСК упатила иницијатива до Министерството за култура за разрешување на директорот на Завод и Музеј – Струмица“, информираат од невладината со која раководи поранешната антикорупционерка Слаѓана Тасева.