Директивата за моја ликвидација доаѓа од кругот на Али Ахмети!

by Фокус

Текстот е објавен на 15-ти јуни 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 885

Разговарал
Никола МЛАДЕНОВ

Хисен Муслиу (66) е пензиониран контраразузнувач, кој се до ноември 2010-та е безмалку непозната личност за пошироката јавност, без оглед на важните функции што ги извршувал до 2008-та година. Кога се случува мега-скандалот со „досиејата за водството на ОНА“ и нашиот соговорник избива на насловните страници и ударните телевизиски вести. Полицијата изврши претрес на неговиот стан во Тетово, кој резултираше со наводно несоборливи докази дека Муслиу е креаторот на фамозните досиеја. Тој поминува два месеци во притвор, а обвинителството го гони за фалсификување исправа. После три рочишта, судот му пресудува три месеци условна затворска казна, кои нема да ги издржи, доколку во рок од една година не стори ново кривично дело.

После двата месеци во притвор, а во очекување на новото судење, наложено од Апелација, Муслиу повторно се најде во фокусот на вниманието пред 10 дена, кога беше брутално нападнат од група луѓе, предводени од Биљал Цека, моќен човек од кругот на ДУИ. Но, според Муслиу, ова бил само еден од нападите за кој знае и јавноста. Двата претходни, тврди тој, претставувале директна закана и за неговиот живот.

На ден-два пред заминувањето на операција на окото, како последица од нанесените повреди, разговаравме во неговиот дом во центарот на Тетово. Слушнавме шокантна исповед на човек, кој, целосно свесен за тежината на кажаното, го вперува прстот и кон Али Ахмети лично, кој никако не можел да не биде запознаен со акциите за негово малтретирање, кое не исклучува и физичка ликвидација.

Практично, ова е прво интервју со Муслиу, кое нуди можност за запознавање со неговиот професионален пат, кој бездруго претставува дел од причините за состојбата во која денес се наоѓа, да не очекува никаква помош од Албанците, туку првенствено од Македонците!

ФОКУС Кој е, всушност, Хисен Муслиу во одамна распаднатиот режим на некогаш моќната СФРЈ?

МУСЛИУ После неколкуте години професорска работа во гостиварската гимназија, јас отидов во Загреб, каде завршив уште еден факултет, за политички науки. Моето семејство имаше успешен приватен бизнис во Хрватска, па постоеше можност да останам таму и да бидам дел од него. Уште на млади години возев скапо БМВ, имав многу пари во џебовите, па луѓе што не беа упатени во мојата семејна состојба, знаеја да плетат разни приказни за моето богатство, кое, повторувам, беше фамилијарно, а не лично мое. Тоа беше примамлива иднина, но, занаетот не ме привлекуваше, па, после неколку дена размислување, се одлучив за контраразузнавањето. Кон крајот на седумдесеттите отидов и во Белград, на специјализација во Центарот за државна безбедност, која беше мошне полезна во натамошната работа. Од тогаш се вратив и останав во Македонија, ги минав сите скалила во службата на тогашна Југославија, се до прв човек на Регионалната управа за безбедност и контраразузнавање. Постојано без пофалуван, наградуван, унапредуван… За да стигнам и до орденот за труд со сребрени зраци од тогашното Претседателство на СФРЈ!

НИКОМУ НИШТО НЕ СУМ ПОДМЕТНАЛ!

ФОКУС Предмет на Вашата работа е фамозниот албански национализам и иредентизам. Во тоа, пак, време, Косово Република и Голема Албанија беа идеал за огромниот дел Албанци. Како успевавте да се борите против таа идеја?

МУСЛИУ Нашата работа беше многу тешка, но, СФРЈ имаше сериозни служби, добро координирани, кои успеваа да пресретнат многу тогаш забранети акции. Добиените признанија говорат дека и јас сум бил заслужен за функционирањето на системот на безбедноста на тогаш заедничката држава, која потоа…

ФОКУС Да, СФРЈ се распадна, но Вие напредувавте и во самостојна, плурална Македонија. Оние што ги гоневте, го дочекаа сонот и за самостојно Косово. Како успевавте и во новите услови да стигнете до начелник во ДБК?

МУСЛИУ Престојот во Хрватска влијаеше врз формирањето на мојот карактер. Тамошните состојби беа неспоредливо полиберални од оние во Македонија, Босна, Србија… Мене ми предаваа професори кои не беа задолжително членови на СКЈ, за разлика од спомнативе републики, каде некогаш и за чувар се бараше партиска книшка. Конечно, и моето домашно воспитување е такво, да бидам правичен кон секого, без оглед на неговата припадност. Активностите на лицата и организациите што ги третиравме имаа илегален третман во тоа време. Јас секогаш сум постапувал согласно законот.

ФОКУС В ред, но, сепак, како Ве прифатија да напредувате и во новото време?

МУСЛИУ Лека-полека, луѓето дознаваа за мојата работа. Знаеа дека јас не прифаќам некој да ме подмити, знаеа дека секогаш инсистирам на вистинитоста, праведноста, реалноста… Има дело или нема дело. Јас не сум се служел со подметнувања или со додавања, туку, се ценело по она што навистина постои како факт. Во секое време може да се види мојата работа. Јас би сакал некој да ја разгледа, да исконтролира, па, ако има било што конструирано од моја страна, подготвен сум и после толку време да сносам одговарност!

ФОКУС Меѓутоа, самите знаете дека голем дел од важните луѓе во ДУИ, на пример, доаѓаат од емиграцијата, кои неминовно гледаат поинаку на тоа!

МУСЛИУ Точно, Службата во Тетово и Гостивар, со која јас и раководев, покриваше дел од емиграцијата со потекло од овде. Но, тука е и проблемот, за кој говорев и на судскиот процес. Фамозните досиеја се однесуваат на лица од Кичево, кое беше во друга надлежност. И да сум сакал, не сум можел да предлагам примена на оперативни мерки против нив. Предлогот за ангажирање на соработка, не останува без трага, без потпис. Кога би ги имало, јас би бил потписник и тоа не може да се одбегне. Повикајте ги старите безбедњаци, оние што се живи, ќе го потврдат ова што го кажувам!

ФОКУС Сакате да кажете дека никогаш не сте се соочиле со непријатна ситуација, да Ве наречат предавник на албанскиот народ, посебно од луѓе блиски на ДУИ?

МУСЛИУ После 2001 година јас веќе почнав да имам проблеми, кои беа видливи. Но, тие започнаа и пред 2001 година, кога и во текот на војната имав тешки проблеми, кога бев препуштен на милост и немилост, сам спроти волјата на улични банди. За време на војната, помалиот син, кој во тоа време работеше како референт во службата за издавање на патни исправи, беше киднапиран, беше пукано и во касетофонот во неговиот автомобил, но, киднаперите никогаш не беа најдени, ниту, пак, самото дело е регистрирано во дневните полициски настани. Вториот случај е претепувањето на вториот син, кој сега работи во Агенцијата за разузнување. Тој беше помодрен од ќотек, а само еден лекар се осуди да дојде дома, да ми помогне да се лечи. Сплетот на настаните сакаше јас да не бидам мета на напад. Едно време бев и надвор од земјата, внимавав да не им дадам можност да ме киднапираат, но, тоа не значи дека не сум бил на црниот список што тие го имале за ликвидација. Ве молам, за двајцата синови не се презеде никаква полициска акција!?

ФОКУС Досиејата Ве вратија во нивниот видокруг?

МУСЛИУ Очигледно, иако јас во целиот судски процес повторувам дека немало шанса да бидам нивен автор. Едноставно, не сум бил на таква функција. Е, сега, како тие се нашле кај мене? Не сакам да се правам поголем Македонец од Македонецот или поголем католик од Папата, но, контраразузнувачот засекогаш останува контраразузнувач. Зошто сум добивал највисоки признанија? Неспорно, јас сум имал широка соработничка мрежа. Тие односи се воспоставени врз принципот на доверливост. Одредено лице имало доверба, само мене да ми ги кажува или доверува чувствителните информации. Тоа лице ниту сега не прифаќа да ги даде информациите на некој друг. Меѓутоа, тој не сака да премолчи, доколку се случува нешто значајно, кое јас можам да го разгатнам. Затоа ме контактираа и побараа мислење од мене. Што требаше да направам со таквата доверлива и безбедносно интересна информација? Да ја закопам во главата? Во никој случај, тоа е најголем криминал. Оттаму и довербата на соработниците во мене. Соработникот кој мене ме најде, благодарејќи на довербата дека нема никогаш да го предадам, дојде да ме информира. Сакаше да знае дали досиејата се веродостојни, со една единствена молба, со барање, никаде да не фигурира неговото име. Врз принципот на доверливост функционирам отсекогаш!

КОЈ ИЗВЛЕЧЕ НАЈГОЛЕМ ЌАР ОД АФЕРАТА?

ФОКУС Нив не би ги откриле по никоја цена?

МУСЛИУ Се разбира, оти ќе ги доведам во голема опасност. Но, во случајов има и нешто поважно. Тоа е прашањето на лојалноста кон државата. Сите ние имаме права, но, и обврски. Мене сега сакаат да ме осудат за нешто, кое во демократските општества претставува и граѓанска должност. Мојов случај е прашање на елементарна безбедносна култура. Јас не можев да не ги земам двата УСБ стика, на кои беа документите што сега сакаат да ги накалемат како фалсификат од моја страна. Зар требаше да ја одбијам нивната проверка? Да не ми е гајле, ако во нив има безбедносно важни работи за нашата држава?! Но, сега доаѓаме до вториот УСБ стик, кој ми беше одземен, а мистериозно исчезна од процесот!? Едноставно, го снема во документите, како да не ми бил одземен!

ФОКУС Што содржел тој?

МУСЛИУ Според она што ми го рекоа, таму имало мошне важни информации за веродостојноста на досиејата, кои биле на првиот УСБ стик. Но, како и да е, јас ги добив двата, за да ги проверам како поискусен професиналец. Од тие причини побараа да дадам свое мислење, своја проценка за веродостојноста. Значи, на тој начин дојдоа тие стикови во левиот џеб од моето сако. Тоа е вистината. Јас во компјутер не знам да влегувам, но, имам двајца внуци и ќерка кои ми помагаат.

ФОКУС Дознавте, ли, кој Ве предал?

МУСЛИУ Не се сомневам дека некој ме предал. Јас требаше да најдам соодветно доверливо лице да ми ги отвори тие стикови, па тие стоеја 4-5 дена во мојот џеб. Тие денови, пак, ДУИ презема офанзива. Како последица на нивните мерки, на 17-ти октомври 2010 година, Талат Џафери директно ме обвини мене и моето семејство. Едноставно, структурите на Ахмети направиле проценка, кој е најупатен за полициски досиеја во Тетово и Гостивар, и се мобилизирале. Па, тие имаат на располагање и прислушување на телефон, и следење… Отпосле направив реконструкција на настаните и во никој случај не можам да кажам дека некој ме предал. Веројатно паднавме токму на професионалната страна.

ФОКУС Зар е можно, оние што ви ги даваат стиковите, да немаат копија и од второто, кое велите дека исчезнало?!

МУСЛИУ Како и да изгледа, сигурно е дека немаат копија. Тие, нормално, очекуваа да им го вратам назад она што ми го дадоа.

ФОКУС Од судскиот процес дознавме за контактите што сте ги имале со Вашиот колега Спасиќ од Белград, дека сте му дале париЗошто?

МУСЛИУ Со Спасиќ се видов поради неговата Книга – Ласицата која зборува. Тој е експерт за албанската политичка емиграција и во книгата, издадена уште во 2010-та, имаше наведено имиња на водачи на ДУИ како соработници на Службата. Меѓутоа, имаше наведено и неколку невистини за нас, неговите колеги Албанци, кои наводно сме ги предале соработничките мрежи после распадот на СФРЈ. Сакав да го демантирам, да позборувам за обвинувањата кон челниците на ДУИ, но, и да побарам дозвола за албански превод на книгата. Од сето тоа не испадна ништо, меѓутоа, јас морав да платам и за неговото време, кое рече дека му е скапоцено.

ФОКУС Не мислите дека сето тоа Ве доведува во врска со обелоденувањето на копиите од наводните досиеја? Спасиќ јавно тврдеше за нашите телевизии, дека постојат и оргинали!

МУСЛИУ Тоа не би го коментирал. Можам само да го повторам веќе кажаното. На крајот на краиштата, да имав таква намера, јас немаше да чекам толку време за да појдам кај него. Конечно, средбата со Спасиќ ја споив со сосема приватна потреба од одење во Белград…

ФОКУС В ред, кога се видовте со него?

МУСЛИУ Некаде во месец март.

ФОКУС Со оглед дека досиејата излегоа потоа, зар не звучи логично што Ве поврзуваат со нив?

МУСЛИУ Не, мојата средба нема врска со нив. Па, јас од таа средба дознав дека Спасиќ до тогаш имал контакт и со многу други лица од Македонија.

ФОКУС Нејсе, што заклучувате Вие од сите тие досиеја, како човек кој цел живот се занимавал со таа проблематика, дали се верни на некој оригинал?

МУСЛИУ Не би навлегувал во тоа, туку само би кажал дека човек од Службите во Македонија не би можел да ги направи!

ФОКУС Дојдени се од Белград во тетовските дворови?

МУСЛИУ Ниту за тоа немам аргумент.

ФОКУС Како го толкувате нивното појавување во Македонија токму во дадениот период?

МУСЛИУ Еден ден ќе ја дознаеме целата вистина. Сега за сега, сигурно знаеме дека потоа се случија предвремени избори. И, кој профитираше од нив? Се разбира, тие не беа единствената причина, но, бездруго имаа поволно влијание.

ФОКУС Вие мислите дека дел од службите под ингеренција на ВМРОДПМНЕ, практично учествува во целата оваа афера?

МУСЛИУ Не можам да тврдам, но, целата мрежа што се плетеше околу мене во тој период, укажува дека нешто имало. Допрва треба да се трага по вистината.

ФОКУС Сметате дека ВМРОДПМНЕ одела кон свесно компромитирање на Али Ахмети и ДУИ, дека нивното ,дисциплинирање, се должи токму на уценетоста со овој случај?

МУСЛИУ Не може да се тврди, но, тоа никако не смее да се исклучи!

НИКОЈ СЕГА НЕ СМЕЕ ДА ТРАГА ПО ВИСТИНАТА

ФОКУС Ако Груевски има најголем политички профит, зошто тогаш кај Албанците не постои интерес да се дознае вистината?

МУСЛИУ Тоа прашање ќе биде затворено се додека тие се на власт. Кој смее сега да се осмели, кога се гледаат конретните мерки против луѓето, кои на било кој начин се етикетирани како сторители на овој ,злостор,?! Зар мислите дека мојава мака делува охрабрувачки на луѓето?!

ФОКУС Сметате дека човекот што Ве нападна го сторил тоа по директен налог на ДУИ и Али Ахмети?

МУСЛИУ Не верувам во толку многу случајности. Вербалните напади почнаа со пресовите на Џафери, продолжија со закани и малтретирања од заменик-директорот на истражниот затвор во Шутка, кој е од редовите на ДУИ, за на крајот да ги заменат улогите со директорката на истражниот затвор Сузана Гавриловиќ. Тие сакаа да ми намонтираат ново дело со зачестени контроли и претреси во ќелијата. Пробаа да ми поттурат мобилен телефон…

ФОКУС Сепак, сето тоа е далеку од Вашето тешко обвинување!

МУСЛИУ Можеби, доколку не ги знаете заканите по живот што ги имав после притворот. Првиот случај е врзан за време на годишниот одмор во Анталија со чартер лет од во јули 2011-те, во аранжман на една туристичка агенција. На 12-ти јули, во ресторанот на самата плажа на хотелот, каде што бев сместен, ми пријдоа тројца младичи. Едниот беше Албанец, а другите, по моја оценка беа Турци или Македонци Муслимани. Еден од нив ме праша по име, дали сум јас тој што пишувал досиеја за Али Ахмети? Ми рекоа дека се дојдени тука, за да ми ја извадат душата. Во тие момент, мојата сопруга доаѓаше од шанкот, па тие брзо исчезнаа. Го прегледавме целиот комплекс, при што утврдивме дека тие не беа пријавени како гости на хотелот!

ФОКУС Но, како ги поврзувате со ДУИ?

МУСЛИУ Како дел од чартер-летот, со нас патуваше и мошне влијателен пратеник на ДУИ. Патем, мошне симптоматично беше тоа што тие го знаеле хотелот во кој сум сместен. Затоа на туристичкиот претставник му кажав, дека се сомневам прво во нив, оти нема друг што знае кој турист каде е сместен. Тој, пак, ми кажа дека во текот на вчерашниот ден го посетил спомнатиот пратеник. Значи, претставникот може да ме открил и сосем случајно кај пратеникот, но, работите брзо се поврзуваа.

ФОКУС Што покажа полициската истрага во Турција?

МУСЛИУ Јас не го пријавив случајот во полиција, туку само кај обезбедувањето на хотелот.

ФОКУС?!

МУСЛИУ Полека, не зборувам напамет. На враќање, ние не патувавме со возило на агенцијата која требаше да не однесе до аеродромот, туку со приватно такси за да бидеме побрзи, за да видам, дали ќе можеме да ја идентификуваме тројката. Во аеродромската зграда, тие влегоа еден по друг после пратеникот, кој, за разлика од нив, беше со семејството.

ФОКУС Тие се вратија со истиот авион со вас?

МУСЛИУ Токму така. Тогаш сакав да бидам целосно сигурен. Претпоставував дека од Скопје кон Тетово ќе следува напад по патот, дека ќе ме киндапираат. Проценката ми беше добра. Затоа презедов соодветни мерки. Повикав пријатели со повеќе возила да ме пречекаат на скопскиот аеродром. Додека сопругата го чекаше багажот, јас влегов во едно од возилата, за да не видат каде сум сместен. Сопругата, пак, го видела  регистерскиот број на возилото што дошло по тие тројца. Со тоа возило не следеле до влезот на Тетово. Кога виделе дека не им излегува есапот, се откажале. Според бројот на автомобилот, отидов на адресата на неговиот сопственик, кој веројатно е татко на еден од тројцата.

ФОКУС Го пријавивте ли случајот барем во нашата полиција?

МУСЛИУ Не, меѓутоа, во овој случај ја имам регистрацијата на возилото, ги познавам тројцата кога ќе ги видам… Можам да дојдам до нив, но, тоа е ризична операција!

ФОКУС Тоа е претходница на актуелниот напад од кој настрада и Вашето око?

МУСЛИУ Не, во меѓувреме, пред околку два месеци, ме викнаа двајца пријатели во скопската Меана Б. Јадевме, пиевме, а во кафеаната немаше други гости. На излегување, влезе еден човек со група луѓе. Тој човек е моќник на ДУИ во Скопје. Со него порано се поздравувавме, но, тој сега не ме поздрави, туку само ме праша – Дали сеуште сум жив? Му одговорив дека, штом ме гледа – жив сум. Со пријателите излеговме кон возилата. Излезе и тој, влезе во неговото возило и чекаше сам. Веднаш знаев дека ќе ни го попречува патот. Само што тргнавме, тргна и тој. Таму патот е многу тесен, не можат две возила да се разминат комотно, но, кога патот се прошири, застана со ,мерцедесот, и го извади пиштолот. Во полициската станица Карпош сакаа да не направат будали. Напишаа дека извадил нешто во вид на пиштол!? Па, тоа нешто во вид на пиштол може да биде и запалка во вид на пиштол, но ние видовме што имаше во раката. И сега тврдам, оти проверив, дека поседува италијански пиштол со важечка дозвола за 2012 година. Пиштолот го стави на појасот, дојде насилно до вратата и ми рече, дали сум знаел дека за мене Скопје и скопско биле забранети? Ме навредуваше додека прашуваше, како сум можел да пишувам досие за Ахмети? Сето тоа беше заради досиејата. Ми рече дека сега може веднаш да ме убие и да ме остави како куче на патот. На крајот, ми порача дека само поради човекот, кој беше во возилото со мене, а беше доста постар, за да не го земе и него на врат, дека денес сум куртулил, ама ќе има и друг пат доколку ме сретне во Скопје или скопско. Се закани дека тогаш ќе добијам куршум в чело!

АХМЕТИ МОРАЛ ДА ЗНАЕ

ФОКУС Како реагираше полицијата?

МУСЛИУ Јас веднаш пријавив, дадов изјава, но, штом кажав за кого се работи, тие почнаа да се повлекуваат, па така стигнавме до ,нештото во вид на пиштол, кое сепак некако влезе во записникот. Да не инсистирав на моите права, настанот немаше да влезе ниту во дневните настани. Па, и јас имам пиштол, ама, според новиот закон, не смеам да го носам со себе. Не смее никој, може да биде само дома или во возило, но во багажникот. Тој, пак, со пиштолот ми дојде во непосредна близина. И, замислете, него не го викнаа ниту на разговор, без оглед што пријавив напад со огнено оружје на кој сведочат двајца граѓани!

ФОКУС После се, претпоставувам дека сте барале заштита од полицијата?

МУСЛИУ Не, не барав. Точно, може да дојде било кој и во било кое време. Но, верувајте, тука човек е немоќен. Ниту еден настан не е случаен. Според моите информации, тесниот круг на чело со Али Ахмети има дадено директива да ме малтретираат до ликвидација!

ФОКУС Вие сте целосно сигурен во ова тешко обвинение?

МУСЛИУ Да, сигурен сум!

ФОКУС Тесниот круг на Ахмети или лично Ахмети?

МУСЛИУ И самиот Ахмети мора да знае. Не може најмоќниот човек на ДУИ во Скопје да направи нешто такво без знаење на Али Ахмети. Тоа нема логика. Анализирајте го и последниот напад врз мене…

ФОКУС Сепак, Биљал Цека призна дека го сторил делото, но, тој тврди дека тоа дошло како одговор на Ваша провокација.

МУСЛИУ Ама ајде, кој верува во таквата приказна?! Тој ме нападна сред бел ден, во 17 часот, без причина, без никаков повод, без најава… Тоа беше организиран напад. Тој не беше сам, па јас нешто да го провоцирам, иако тоа не е мој стил на комуникација со луѓето воопшто. Кон мене се упатија повеќе од петмина, кои очигледно имале информација за ресторанот во кој бев со истиот пријател од Меана Б. Повторно бевме со неговото возило, паркирано на другата страна од улицата. Само што згазив на асфалтот, го видов него со уште еден од првата линија и три-четворица зад нив. Штом дојде во моја непосредна близина, веднаш ме удри, без најава, без никаква комуникација… Ме удри силно, не знам дали беше со бокс или со некој друг предмет. По ударот веднаш паднав, оти физички сум слаб, со две хронични болести. Знам дека сум паднал на улицата, а тој продолжи да ме удира со клоци по главата и телото. И другиот му се приклучи во тепањето. Ми течеше крв од носот, а Цека постојано прашуваше: Дали сеуште ќе пишуваш досиеја за Али Ахмети? И, сето тоа нема никаква врска со ДУИ и Ахмети?! Дополнително ме разочара тоа што никој од минувачите не ми пружи помош. На крајот се најдоа 12-13 годишни момчиња, кои се понудија да повикаат такси!

ФОКУС Што се случи со пријателот?

МУСЛИУ До сега не сум го видел. Само се слушнавме, за да ми каже дека и тој бил нападнат, со скршени очила, со повредено око… Така ми кажа по телефон. Го прашав, зошто не повикал брза помош, зошто случајот не го пријавил во полиција, оти, тој во мојата изјава фигурира како сведок!

ФОКУС Не разбирам, зошто не барате полициска заштита ниту сега?

МУСЛИУ Видете, предноста е секогаш на страната на оној што би се нафатил да ме ликвидира. Тоа може да се направи на безброј начини, било каде и било кога. Како второ, јас себеси се сметам за чесен и лојален граѓанин. Ако оваа гарнитура ме прогласила за непријател, а се наоѓа во владина коалиција… Зарем не гледате дека тие сега против мене водат два паралелни процеси. Еден е судскиот, а другиот е со закани и физички напади. Обата се институционални, затоа што Цека не е било кој. Тој е роднински и партиски поврзан со луѓе, кои имаат огромно влијание во ДУИ. Тој човек лани се здобил со македонско државјанство, иако не ги исполнува условите за добивање државјанство. Заклучете сами, што е тоа другото што Цека го исполнува за да стане државјанин на РМ!

ФОКУС Вие сеуште сте член на ДПА, имате блиски релации со партијата на Тачи?

МУСЛИУ Не, не, тука лежи уште еден проблем. Познато е, имено, дека и во периодот од 2006 до 2008 година преку ДПА бев дојден на функција во МВР. Таа понуда ја прифатив од економски причини. Не бев во некогашната финансиска ситуација, а имам ќерка за која требаше да се плаќа висока школарина, сопругата прима плата од 200 евра, јас пензионер… За волја на вистината, во досието на Мендух Тачи, кое тој одамна го поседува, фигурирам со безброј потписи како старешина, кој дозволил да го следат. Ако некој има некакво право да ми се свети, тогаш тоа е токму Мендух Тачи, а не Али Ахмети. ДУИ сега не може директно, како партија против партија, па работата излегува како во народната – Не можеш по магарето, удри по самарот!

НЕМАМ ПРАВО НА ЗАШТИТА НИ ОД МАКЕДОНЦИТЕ?!

ФОКУС Не се обидовте да стапите во контакт со ДПА?

МУСЛИУ Јас не сакам на мојот случај да му давам партиска боја. Конечно, тоа беше и целта на целиот овој случај, од истрагата, преку полициското задржување, цело време се инсинуираше мојата блискост и соработка со ДПА. Истовремено, јас немам ниту нивна партиска книшка. Тие беа максимално коректни, и во 1998-та, и во 2006-та година. И Арбен Џафери, и Мендух Тачи ме поканија и ми овозможија да работам максимално професионално на задачите што цел живот сум ги работел!

ФОКУС Заборавате дека дојде времето за рехабилитација и на луѓето што биле професионално обработувани во времето на СФРЈ?

МУСЛИУ Простете, ама така не се прави држава. Контраразузнувањето е систем што не се гради според промената на партиите. Што ќе се прави со актуелните професионалци, создадени во периодот на самостојна Република Македонија, доколку дојде време кога некоја нова партија на власт ќе го стави денешниов период на обвинителна клупа? Тогаш ќе страдаат сите членови на службите или само оние што ја злоупотребувале? Јас сметам дека секогаш сум работел согласно законот. Ценам дека сум придонел за развојот на македонското општество, на македонскиот народ, дека не сум направил зло…

ФОКУС Се чувствувате предаден од Македонците?

МУСЛИУ Еве, штом албанските партии дигнале раце од мене, јавно кажувам дека сега не очекувам никаква помош од Албанците, иако огромниот дел од нив знае дека не сум направил ништо незаконско ниту против сопствената нација. Меѓутоа, зар немам право да очекувам заштита и од Македонците?! Со децении служев верно на државата, за да дочекам малтретирање од луѓе, кои вчера добиле македонско државјанство, а денес глумат неприкосновена власт во Македонија?! На страна, значи, ДУИ и ДПА. Јас прашувам, каде се македонските партии? Нека ме сфати кој како сака, но јас сега очекувам поддршка од нив. Како и од многубројните колеги Македонци, кои…

ФОКУС Никој не понуди било каква помош?

МУСЛИУ Едно е приватната поддршка. Денес треба да се биде храбар и јавно да се каже кон што води актуелнава злоупотреба на институциите за лични и партиски цели!

ФОКУС Вие не се плашите од ова што сега го говорите јавно?

МУСЛИУ Мене сега ми е сеедно. Сакам да видам, дали и е сеедно и на ВМРО-ДПМНЕ, на пример, која сноси најголема одговорност за состојбите во земјава. На крајот, можеби ќе ме дотераат и до иселување од Македонија. Меѓутоа, јас не сум единствениот, кој не знае што може да го снајде следното утро. Јавноста треба да знае дека во Тетово се инсталирани структури, кои имаат задача да дисциплинираат физички. Не само мене, туку и сите други што може да се појават во иднина. Дојдени се од Косово, од емиграција, од разни држави, купени им се станови, за да глумат команданти, иако во нормални услови не би успеале ни корка леб да заработат на чесен начин!

ФОКУС Зарем ситуацијата е толку драматична?

МУСЛИУ Според мене, се е можно. Дури и повторување на 2001-та, заради огромната количина на оружје меѓу народот. За жал, најголема опасност се меѓуетничките односи, кои никогаш не се опоравија. Втора причина е гневот што се акумулира поради инертноста на ДУИ во владината коалиција, со што јакне револтот и незадоволството кај се повеќе Албанци. Едноставно, работата не оди на добро. За жал, ретко сум грешел во проценките на безбедносната ситуација!

Поврзани новости