Дипломатски синдикат: МНР распишува непотребни конкурси

by fokus

Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) соопшти дека Раководството на Министерството за надворешни работи деновиве презело крајно сомнителен потег.

Распишани се 20-тина интерни конкурси за распоредување на работа во дипломатско- конзуларни претставништва.

„Со оглед на тоа што ДКП-та се работни единици на МНР, се работи за внатрешно прераспоредување на кадрите во МНР. Тоа, пак, согласно точката 90.2 од Генералното мислење на Антикорупциска (ДКСК) утврдено на 115-та седница од 07.09.2016 г., а во врска со Парламентарните избори 11.12.2016 година е – недопустливо: „Од денот на донесување Одлука за распишување на избори до завршување на изборот за пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија постои законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа …“. Во контекст на ова, на пример, субвенциите за земјоделците не се исплаќаат заради наводен страв од Антикорупциска (ДКСК)!??

Извесно е дека не се работи за некоја ургентна потреба, а што е видливо од два факта: а) најголемиот број од овие конкурси би се спровеле во јули и август оваа година; и б) меѓу другите, има и два конкурси за тнр. „испомош“, односно испраќање дипломати во ДКП-а каде, според Раководството, постои ургентна потреба.
Од друга страна, Синдикатот, кој инаку е целосно заобиколен во целата оваа постапка, забележува дека се планира испраќање „ургентни дипломати“ во ДКП-а кои се кадровски добро покриени и професионално функционираат на високо ниво“, велат од дипломатскиот синдикат.

Тие стравуваат дека идните упатувања се во функција на „згрижување“ определени партиски кадри, но и со резервен план: во случај на евентуални идни избори да се имало мрежа од „сопствени“ кадри. Потсетуваме дека дипломатијата работи во услови на скратен буџет.

„И уште еден куриозум: конкурсите се уредно потпишани од ЗМНР Илија Исајловски, инаку валиден вршител на должноста МНР од 30.12.2016 година; сепак, на друга страна, пратеникот Попоски е сеуште носител на дипломатска патна исправа која гласи на Министер за надворешни работи и заменик- Премиер. Но, и одлучувач за редица прашања каде неговото „ОК“ е неопходно. Очигледно, постои јасна свест дека пратеникот Попоски го прекршува правото! Сепак, потребата да се функционира под капата на „нормалност“ е сериозен императив, но, и одличен контекст за стратешко позиционирање по сите институционални линии.

На крај, повикувајќи се на принципите на демократијата и владеењето на правото, предочуваме/повторуваме дека по одржаните парламентарни избори, Владата во заминување нема легитимитет да ја остварува извршната власт со полн капацитет.
Наедно, ги покануваме новинарите на една кратка, стоечка прес- конференција пред службениот влез на МНР утре, петок 21 април, со почеток во 12 часот“, се вели во нивнито соопштение.

Поврзани новости