Институциите молчат, Јовановски помага: Боки ќе го доплати лекувањето на Наташа!

by fokus 17:26
17:26

Наташа Николовска, самохраната мајка која што пред два дена апелираше преку ,,Фокус’’ до хуманите граѓани, да и помогнат да собере 12.000 евра, потребни за нејзиното лекување, не треба повеќе да се грижи околу финансискиот проблем. Денес, популарниот шоумен и хуманитарец Боки Јовановски ја израдува со веста дека ќе и помогне со своја донација, и како таа може сосема да се посвети на своето здравје и на синчето Марио, без при тоа да се оптоварува со грижите околу потребните средства за лекување.

Имено, како што веќе известивме, на Наташа (39) од Скопје, неодамна и бил дијагностициран рак на желудник, по што таа била оперирана. Но за да го продолжи лекувањето со озонска терапија на клиниката ,,Филип Втори’’ и биле неопходни 12.000 евра. Николовска, која што минатата година останала вдовица и е мајка на петипол годишниот Марио, молеше за помош од хуманите граѓани, а беа отворени и телефонски броеви за донации. Во својот апел, таа и порача на јавноста дека сака да остане покрај своето дете, да го гледа како расте, да не остане сираче без мајка, откако во 2016 година го изгубило и таткото.

- Advertisements -

Веднаш штом го забележал апелот на мајката, Боки кој што веќе има излезено во пресрет на десетици граѓани кои што апелирале за помош, не чекал ниту момент.

Денес тој разговарал со Наташа, која престојува во болница, и и ветил дека откако ќе бидат затворени телефонските линии за донации, остатокот од парите кои што се потребни за да се дојде до сумата од 12.000 евра, без проблем ќе и ги донира.

,,Наташа е една позитивна, енергична жена, мајка лавица која што се бори за себе, но првенствено и за своето дете. Не можев да останам рамнодушен кога ја прочитав приказната во ,,Фокус’’ и си ветив дека оваа тажна сторија ќе има среќен крај! Без оглед на тоа колку пари ќе се соберат преку донации од телефоните и жиро сметката, јас ќе го покријам остатокот’’ – ни изјави Јовановски.

И Наташа вели дека ја совладале емоциите, кога денес и се јавил Боки и и ја пренел радосната вест. Додава дека не може да поверува како на овој свет постои таква човечка добрина, и како поддршката која што тој и ја дал, и дала уште поголема храброст да продолжи со својата борба против лошата болест.

,,Јас знам дека се борам со духови, немам ривал пред себе…. Но Боки ми даде таква поддршка, буквално ми даде ветар во крилјата и сега знам дека кој и да е мојот противник, јас ќе го победам! Со таква смиреност и со толку убави зборови ме убеди дека ова ќе биде како еден лош сон, кој што ќе го оставам зад себе, и кој што сите ќе го заборавиме. Ми се понуди за помош, не само од финансиска страна, туку и за логистика, за било што… – Ти стојам на располагање за се, за било каква идеја која што ќе ти дојде, во врска со твоето комплетно оздравување – ми рече. Ни на сон не можев да претпоставам дека вакво нешто може да ми се случи. Дека само по два дена од апелот, се ќе се реши, и повеќе нема да треба да се грижам дали ќе имам доволно пари за лекување. Ако некој порано ми кажел, не знам дали ќе верував, оти ретки се вака благородните луѓе.

Што можев друго да му кажам, освен огромна благодарност, и ветување дека кога повторно ќе застанам на нозе, заедно со Марио ќе го изгушкаме. Од болничката соба им праќам поздрави и благодарност и на сите останати хумани луѓе кои што донираа за мене. Ова не е само донација за една мајка, туку донација за едно дете кое што треба да порасне покрај мајка и да не ја почувствува горчината на животот уште од мали нозе’’ – порача Наташа.

Телефонските броеви за донации за Наташа ќе бидат отворени и во наредните седум дена. Сите заинтересирани можат да помогнат со своја донација со свртување на броевите 070 143 117; 075 143 474; 077 143 474, или пак на жиро сметката во Стопанска банка: 200000243879720 со назнака – донација за Наташа Николовска.

И додека Боки несебично помага на граѓаните, на социјалните мрежи има лавина од коментари, во кои што јавноста му симнува капа за хуманоста, но и ги повикува политичарите и надлежните институции да поведат сметка за луѓето на кои што им е потребна помош и кои што веќе стана практика да се лекуваат со помош на СМС пораки и донации.

Во повеќе наврати, беше именувана и повикана да понуди конкретна помош за случајов и градоначалничката на Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, бидејќи Наташа е жител на општината, но Беличанец не одговори на апелите. Од градоначалниците, единствено за случајот се заинтересира Андреј Жерновски, кој што од нашата редакција побара информација дали Наташа е жител на Општина Центар, бидејќи според правилникот, можел да помогне на жители на неговата општина, а приказната искрено го трогнала. Останатите политичари останаа глуви на апелот, но затоа пак голем број на хумани граѓани и цели паралелки на ученици несебично донираа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости