Диневски тврди дека Чавков има привилегии во затворот: „Хашка соба“ за Митко!

by Fokus 16:37
16:37

Александар Диневски, еден од обвинетите во случајот ,,Шпион’’ тврди дека поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков е сместен во привилегирана соба во затворот во Идризово, попозната помеѓу затворениците како Хашка соба, со услови далеку попристојни од остантите.

-Чавков е сместен во привилегирана соба во т.н Хашки соби (вкупно 6) со далеку попристојни услови за разлика од сите други. А како првоосомничен во процесот (засега!), по сите правила требаше да биде во Блок Ц, Д или Ѓ!!! Само да ве информирам! – напиша Диневски на својот Фејсбук профил.

- Advertisements -

Со цел да дознаеме за какво сместување станува збор, и зошто таканаречените Хашки соби се еден вид на престиж во затворот, разговаравме со Диневски, кој моментално се наоѓа дома, откако добил привремен прекин на издржувањето на казната, а ќе се врател во затвор на четврти јануари 2018 година.

,,Чавков е сместен во Ѓ6. Јас бев таму еден период, во Ѓ5, после болницата, од здравствени причини. Во тоа крило се сместуваат лица со нарушено здравје, врски, или пак лица на кои им е загрозена личната безбедност според карактерот на делото. Инаку, собата е околу 24 м2 и во нив се сместуваат двајца, а поретко тројца притвореници, што е сосема пристојно ако се знае дека во Д5 на пример бевме 6 души во просторија од 17 квадрати. Собата има веце шоља (во сите други е чучавец) оградена со ѕидче од 1 метар, големо лавабо, голем прозорец од кој се гледа управната зграда и влезната врата на затворот, дрвена врата со квака (другпат ќе ви раскажам зошто го потенцирам ова!), релативно нови кревети и душеци, наткасни, а послана е со ламинат. Нема телевизори како што беше објавено или пак имало некогаш… Сите соби од ова крило имаат посебно заедничко пристојно купатило на истиот кат и банањето (еднаш неделно) се одвива на смени. Таму и храната ја дели ислучиво чуварот кој дежура во ходникот! Нема никаков интернет ниту ТВ, не смее ни мобилен да има’’ – раскажува Диневски.

Тој додава дека разликата на собите во крилото Ѓ5, каде бил сместен по враќањето од болница, со тие во Д5 е огромна. Во Д5 биле сместени шест лица во 17 метри квадратни, со отворено ВЦ, мувла и влага.

,,Во Д5 беше грозно. Прозор во небо… Во Ц пак е пекол. Овде ако се качиш на парното и држиш за решетка на прозорот, можеш да гледаш надвор. Тоа е таа разлика’’ – вели Диневски.

Тој првично беше осуден на четириипол годишна казна, но подоцна Апелција му ја намали казната на три ипол години. Во повеќе наврати на социјалните мрежи граѓаните апелираа да биде ослободен, поради нарушената здравствена состојба, алармирајќи дека таа уште повеќе ќе се влоши поради лошите услови во затворот.

В.К.

 

Поврзани новости