Перо Димшоски, членот на Амстердамската тројка, неформалната група за реформи во ВМРО-ДПМНЕ за бугарската новинска агенција БГНЕС вели дека тука нема да се застане и дека само преодна Влада е спасот од политичката криза.
– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ни одговори преку медиумите дека тој добил најмногу гласови во историјата на партијата и дека можеме да му се спротиставиме на избори. Сметаме дека тој треба да се повлече достоинствено, и покрај изборните резултати, кои, патем, не беа признати од ниту една опозициска партија. Исто така, во моментов нема услови за какви и да било избори во Македонија. Никола Димитров детално објасни како се користат државните институции и нивните капацитети во корист на владејачката партија во минатите изборни циклуси – истакна Димшоски за БГНЕС.
Според него, голем проблем се медиумите бидејќи повеќето се контролирани од власта. Тој исто така, додава дека ќе продолжат да се борат се додека не ја вратат демократијата и слободата во државата и тврди дека секојдневно добиваат поддршка од нови луѓе.