Во трката за прв човек на Обединетите Нации, македонскиот кандидат Срѓан Керим, финасиите ги добива од државната каса, односно од буџетот на Министерството за надворешни работи. Колку пари досега се потрошени за промоција на македонскиот кандидат засега се држи во тајна.
Пратеничката од СДСМ, Лидија Димова, од собраниската говорница ова прашање му го упати на премиерот Емил Димитриев.
„Колку пари се потрошени и вложени во кампањата за Срѓан Керим да биде претставник на Македонија за Генерален секретар. Колкумина има неговиот тим? Дали во моментот кога земавте бизнисмен да го понудите како кандидат од оваа држава, склучивте некаков договор со него особено ако ја знаеме практиката на вештината на ставање 750 илјади евра во шише? Исто така ако се знае дека господинот Керим е познат по неговиот екстравагантен вкус и во сите овие држави каде што патува троши државни пари и сметам дека е многу корисно ако одговорите точно колку пари се ставени во таа функција и дури сметам дека ќе биде многу корисно за јавноста ако побарате Државниот завод за ревизија да направи ревизија токму на овие средства што се потрошени за господинот Керим.“, праша пратеничката Димова.
Премиерот Димитриев рече дека е малку изненаден од контекстот како опозицијата гледа на целиот процес околу изборот на Генерален секретар и околу кандидатурата на Република Македонија преку Срѓан Керим за оваа позиција.
„Околу трошоците јас можам да ви кажам дека за сега трошоците ги покриваме од Буџетот на МНР. Целата работа околу избор на Генерален секретар не е завршена и можеби е добро кога ќе заврши целата процедура да ги кажеме трошоците кои што биле потрошени за нашата кандидатура“, рече Димитриев.
По четвртиот круг од гласањето за кандидатите за нов Генерален секретар на Обединетите Нации што се одржа вчера, македонскиот кандидат Керим се искачи на четвртата позиција. Пред него и натаму убедливо на првото место е Португалецот Антонио Гутјереш, зад него е словачкиот кандидат Мирослав Лајчак и на третото место според бројот на гласовите на последното гласање е кандидатот од Србија Вук Јеремич.