По членството во НАТО, нема поголем предизвик од европската интеграција, смета вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, кој денеска на прес- конференција ја објасни мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања во следниот период.
Доколку работите се движат во посакуваната насока по првата меѓувладина конференција со почетокот на следната 2021 година, Димитров смета дека ќе се продолжи со скринингот, аналитичкиот преглед на европското право и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.
-Доколку работите се движат според планираната динамика би можеле да очекуваме до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер. Како Влада очекуваме дека со фокус и јасен приоритет и работа ќе можеме во текот на нашиот мандат да отвориме близу 80 проценти од поглавјата и да обезбедиме подлога за следната влада да може успешно да ги затвори преговорите и да резултира со пристапен договор и полноправно членство во ЕУ, рече Димитров.
Признава дека процесот на преговори бара многу реформи и многу промени што се тешки и кои бараат не само знаење и вештини, туку и упорност, но и, како што рече, разбивање на низа предрасуди, за да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и да ги практикуваме.
-Значи, не само на зборови, туку и со дела, со видливи резултати за секој граѓанин да препознае дека се менуваме со понуда за иднина на секој млад човек, рече Димитров.
Вети дека заедно со неговиот тим ќе дадат се од себе, но призна дека има предизвици:
-Ќе бидам искрен, кадровскиот потенцијал е предизвик и дел од овие луѓе ние денес ги немаме во администрацијата. Минатиот вторник во Владата веќе разговаравме за политика на задржување на компетентните и способните професионалци и привлекување на нов кадар и на неа ќе и пристапиме како на прашање од највисок државен интерес. Ако ова е стратешки приоритет број еден, тогаш сигурно заслужува и таков третман како наша кадровска и финансиска инвестиција во иднината, додаде Димитров.
Вицепремиерот Димитров рече дека веднаш по објавувањето на Извештајот на ЕК во погон бил ставен целиот административен апарат за да се извлечат клучните задачи, а најави и ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ.
Вратена е неделната координација за ИПА проектите со ЕУ делегацијата. СЕП ќе работи и на превод на европското право на македонски јазик, кој, како што рече е обемен процес. Појасни дека европското право се состои од повеќе од 170 000 страници, а кај нас има преведени 20-ина илјади страници.