Во оваа длабока криза на немање доверба во системот, на безнадежност, на немање избор, нацијата има огромна потреба од нова општествена сила што ќе се бори против партизацијата и што ќе ги турка партиите таму каде што им е местото, вели во изјава за неделникот „Фокус“ поранешниот македонски амбасадор и министер за надворешни работи, Никола Димитров.
-Мора да најдеме сили и енергија да се здружиме околу визија и принципи, како противтежа на оваа „дуќан“ политика, ова здружување низ призмата за вработување, пари, услуги или привилегии. Во македонскиот црно-бел политички свет, никогаш или ретко се зборува за решенија, а пречесто политиката е сведена на обични меѓусебни навреди и етикети – вели тој.
Како што истакнува Димитров, би застанал зад една преродбеничка сила, без разлика дали тоа ќе биде преку директен личен ангажман или како поддршка. Како народ и генерација граѓанство, додава тој, мора да се соочиме со фактот дека во 31 година независност главно одиме назад.
-Видете ги проблемите во образованието, во поредокот, во урбанизмот, во здравството, во нееднаквоста, во феноменот растечката администрација да не може редовно да ги сервисира потребите на граѓаните и бизнисите без „некој“ да се јави или да „подмачка“. Затоа, немам никаква дилема дека итно ни треба нова страница. Не нов „дуќан“, туку вистинска сила што ќе се бори за политиката како мисија и визија – вели тој.
Според него, често се злоупотребува европската приказна во насока дека ништо не можеме без преговорите. Точно е дека преговорите се незаменлива алатка за реформирање на земјата, но, нагласува Димитров, преговорите ги водат луѓе.
– Таман и да имаме вистински отворен пристапен процес со ЕУ, таман и да имаме една добрососедска Бугарија, која целосно ќе помага на патот (а ништо од ова немаме), нашата Македонија нема никогаш да ја оправиме ако не најдеме сили да ја вратиме изгубената волја и да се соочиме со проблемите, еден по еден. Колку тие ќе бидат успешни или не, ќе зависи токму од тоа како вклучените ја разбираат политиката – како дуќанче за купување и продавање лични и партиски интереси или како поле за садење и жнеење граѓански и општествен напредок – изјави тој.
Целиот текст за можните политички иницијативи и проекти надвор од двете големи коалиции прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ