Димитров во интервју за грчки весник: И за Грција е добро да влеземе во НАТО

by fokus

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за весникот „То Вима“, побара добра волја и од Грција за решавање на спорот со името. Тој утре, според најавите, ќе ја посети Атина.

„За Грција ќе биде добро доколку Македонија како нејзин сосед што побрзо стане дел од НАТО“, посочи Димитров во интервјуто за грчкиот весник „То Вима“.

Тој додаде дека спорот за името трае предолго и неговото нерешавање влијае и на регионалната стабилност.

Димитров изрази готовност за конструктивни преговори со Грција и порача дека е потребно двете страни да им пристапат на преговорите со добра волја и со почит кон чувствителните точки на секоја од засегнатите држави.

„За Грција прашањето е: каков сосед сакате да имете? За Македонија прашањето е: каков сосед сакаме да бидеме? Колку побрзо нашата држава добие покана да биде дел од НАТО, толку подобри се перспективите на Грција да ја има ова држава како сосед. Оптимист сум дека можеби наскоро ќе добиеме и датум за почнување пристапни преговори со ЕУ по толку позитивни препораки од Европската комисија“, вели Димитров во интервјуто.

Весникот, повикувајќи се на свои извори, коментира дека Брисел е комплетно задоволен од новата македонска влада, која е посветена на европска и евро-атлантска интеграција, но најпрво потребно е време додека да се стабилизира владата на Заев.

Поврзани новости