Министерот за надворешни работи, Никола Димитров официјално во името на Македонија му се извинил на германскиот државјанин со либанско потекло, Калед ел-Масри, за незаконското апсење во 2004 година во Скопје. Тој беше држен во изолација, а потоа и предаден ЦИА, во рамки на тајната програма на американската агенција за предавање и мачење, која беше усвоена по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година.
Во писмо испратено до Ел Масри, Димитров изразил „длабоко извинување и искрено жалење“ за несоодветното однесување на властите, како резултат на што претрпел „ неизмерливи и болни искуства, тешки физички и психички повреди и болки“, соопштија Отворено општество иницијатива за правда и Американското здружение за заштита на човековите слободи.
Во 2012-та година, македонската Влада плати отштета од 60.000 евра поради прекршување на Европската конвенција за човекови права.