Заев до НАТО: Вреднувајте ги нашите напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место

by fokus

Местото на Република Македонија е во НАТО. Ние сме одлучни во намерата да бидеме следната 30.членка на Алијансата. Вреднувајте ги нашите напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место – полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија, порача премиерот Зоран Заев во поздравното обраќање на одбележувањето на Денот на НАТО што го организираше НАТО Канцеларијата во Скопје.

Тој нагласи дека со предолго чекање пред вратите на Алијансата се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не.

– Затоа политиката на отворени врата на Алијансата е вистинскиот пат за консолидација на мирот и стабилноста во целиот регион. Владата на Република Македонија, е цврсто определена за ефикасни домашни реформи, за демократски вредности, за владеење на правото, за почитување на човековите права, за функционални институции во служба на граѓаните. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наши стратешки цели и одат заедно со нашата амбиција за интеграција во НАТО и ЕУ. Градиме нов дух на инклузивни политики што водат кон решенија, а не кон проблеми, порача Заев.

Нагласи дека посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Македонија во јануари годинава, даде силен поттик на нашите НАТО аспирации.

– По неговото охрабрување уште поенергично се впуштивме во реформските процеси и во решавањето на билатералните проблеми. Македонија и НАТО се блиски партнери веќе 22 години. Ова партнерство помина многу тестови. Ова партнерство ја покажа способноста на Македонија и НАТО да се прилагодат на различни предизвици, дури и во исклучително тешки ситуации, посочи Заев.

Поврзани новости