Димитров очекува одлука за преговори до крајот на годината

by fokus

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска на министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан во Братислава истакнал дека утре очекуваме позитивен извештај од Европската комисија и политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годинава.

– Утре очекуваме позитивен извештај од Европската Комисија што реално ќе го отслика пресвртот што Северна Македонија успеа да го постигне во изминатиот период. Како дома, преку унапредување на состојбите во клучните области и демократските процеси, така и надвор преку договорите со Грција и Бугарија. Потоа очекуваме политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годинава. Тоа не значи дека очекуваме и сме спремни да станеме членка денес или утре. Туку значи само отворање на следната фаза; почеток на новата етапа од нашиот европски пат кој се разбира дека ќе биде долг и ќе бара уште многу работа. Но е почеток кој е заслужен и неопходен за нашата европска иднина!, рекол Димитров во излагањето на состанокот, соопшти Министерството за надворешни работи.

На министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан е реафирмирана посветеноста на Вишеградската група за натамошна поддршка на евроатлантската интеграција на земјите од регионот и во пресрет на објавувањето на годинешните Извештаи на Европската комисија, заеднички е констатирана потребата Европската унија соодветно да го препознае напредокот што регионот и особено Република Северна Македонија, го постигна во изминатиот период. 

На состанокот важен акцент  е ставен и врз значењето на евроинтеграцискиот процес како клучен поттик за забрзани реформи и напредок на земјите од Западниот Балкан, но и натамошна консолидација на Балканот во постојниот сложен геополитички контекст.

Поврзани новости