Реакции и негодувања кај пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ предизвика вчера обраќањето на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој од собраниската говорница рече дека сме нација со комплекси.
-Се работи за нација со комплекс која мора да си бара назад 2.000 години корења. Александар Македонски ако го нема, ние не знаеме кои сме. Со тоа копањето назад што е комплекс на несигурност во себе и на инфериорност, дадовте аргументи на политичките сили во Грција кои не сакаат да има Договор. Изгубивме пријатели, од жртва, станавме луѓе кои се клоцаат – изјави Димитров на вчерашната расправа за утврдување на нацрт амандманите на Уставот.
Од ВМРО ДПМНЕ побараа извинување од министерот, но не го добија.
-Постојано во минатото и денес да си негиран, омаловажувам и дискредитиран по секоја цена и од секој од секаде тогаш ваквиот начин на реагирање како и на граѓаните кои милион и двесте не излегоа на референдумот можете да го наречете како сакате, но почитуван министер бараме искрено ако може да се сочува нешто од тој наш комплекс кој за жал вас ве иритира и ве нервира. Верував дека кај власта ќе проработи националното чувство и патриотизмот и заедно како што впрочем и требаше да биде од самиот почеток да изнајдеме начин по достоинствен пат до нашата заедничка определба или цел, а тоа се евроатланските интеграции, но под еден услов да ја прецизираме и бетонираме нашата заедничка црвена линија која ќе значење да не мора да се збогуваме со нашиот Устав чие менување ќе донесе збогување со нашето уставно име – реплицираше Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Собранието на Република Македонија денеска во 11:00 часот ќе ја продолжи 64. седница со расправа по XXXV нацрт-амандман, а по неговото изгласување ќе започне и дебата за XXXVI нацрт-амандман и последниот предвиден со уставните измени, согласно Договорот од Преспа.
Синоќа пратениците со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвои нацрт-амандманот XXXIV на Уставот на Репубпика Македонија, а претпладнето пратениците го усвоија и XXXIII нацрт-амандман, со кој се предвидува менување на името Република Македонија со Република Северна Македонија.