По иницијатива на Амди Бајрам гробното место на Есма ќе го среди Владата

by fokus

Фото Д.Јокшиќ

На 11-ти декември се навршуваат две години од смртта на кралицата на Ромската песна, Есма Реџепова – Теодосиевска, а во регионот не стивнуваат реакциите по повод настаните поврзани со средувањето на нејзиното гробно место.

Нејзиниот гроб до пред два дена беше сосема запуштен, по што во јавноста следеа обвинувања на сметка на децата кои што ги одгледала, но и на роднините, внуци од браќа и сестри на популарната пејачка, поради тоа што не и беше подигнат достоинствен споменик.

Вчера, во изјава за ,,Фокус” Симеон Атанасов, кој беше нејзин штитеник и менаџер до крајот на животот, порача дека децата не се виновни, бидејќи фамилијата Реџепови, односно внуците од нејзини браќа и сестри му забраниле да и подигне споменик, ветувајќи дека тоа ќе го сторат тие, односно семејството.

Набргу потоа следеше и реакцијата на Аднан Реџеп, внук од брат на пејачката, кој живее во Германија. Тој ни изјави дека гробното место го откупил од Симеон по цена од 36.074 денари, за што ни достави и нотарска изјава, тврдејќи дека тој никому не му забранил да подига споменик, туку едноставно ниту едно од децата кои ги одгледа Есма, денес веќе возрасни луѓе, не се понудил да го стори тоа.

-Јас не сум забранил да се среди гробното место, туку ниту Симеон, ниту било кој друг посакал да подигне споменик. Затоа, ние како семејство и блиски роднини на Есма, ветивме дека ќе и направиме споменик.

Но, проблемите започнаа со Бутел, се работеше за голем број на административни пречки кои го кочеа целиот процес. Јас ангажирав компанија за подигање на споменикот, имав готов проект, оставив и капар. Тоа за јавноста го потврди и ангажираната компанија ,,Цветковиќ”. Јасно ми е дека е грев да се расправаме преку медиуми за вакви работи, но многу сум лут поради сите обвинувања.

Не сакам никој да ме обвинува мене и моето семејство, бидејќи со тетка ми Есма бевме блиски и ова тешко ми паѓа. Вчера дознав дека започнала работата на гробот и како Амди Бајрам бил иницијатор Владата да го изгради споменикот. Нас, како семејство, никој ништо не не праша – вели Реџеп.

Лидерот на Ромите, Амди Бајрам, во телефонски разговор ни потврди дека споменикот од пред неколку дена забрзано се гради.

-Јас сум иницијатор на целата работа, бидејќи помина долго време. Точно е тоа дека Владата го средува гробот на легендарната Есма, гробот ќе биде како и на останатите граѓани погребани таму, нема да се издвојува по ништо, ќе биде достоинствен и скромен, како и сите други околу него.

Јас му поставив прашање на премиерот Заев, зошто се уште не се прави гробот, и еве сега ви ветувам дека најкасно за една недела ќе биде комплетно готов. Долго време се чекаше, не знам зошто, но сега Есма ќе добие средено гробно место, како што и заслужува – изјави Бајрам.

Вики Клинчарова

Поврзани новости