Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со шефицата на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Нина Суомалаинен при што двајцата размениле мислења за актуелните прашања по изборот на новата Владата на Република Македонија, како и за вкупната соработка на Македонија со ОБСЕ.
Како што соопшти МНР, Димитров изрази благодарност за континуираната поддршка која Организацијата ја дава на планот на реформите во државата, а посебно за оние кои претставуваат директна поддршка на реализацијата на нашите европски и евроатлански аспирации. Го пренесе мислењето дека за Македонија, но и за целиот регион, од исклучително значење е процесот на интегрирање во ЕУ.
Амбасадорот Суомалаинен, пак, се наведува, истакна дека постои добра и континуирана соработка помеѓу ОБСЕ и Македонија и дека заеднички е многу вложено во реформските процеси кои опфаќаат широк спектар области. Таа ја повтори подготвеноста на Организацијата преку својата Мисијата во Скопје, да продолжи да дава поддршка за областите кои се приоритет за Република Македонија, се посочува во соопштението од МНР.