Не можеме да ја смениме географијата или историјата, но може да работиме заедно за да ја создадеме нашата заедничка иднина, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Тој истакнува дека договорот создаде историски крстопат што бара историска одговорност за да ја направат вистинската работа сите инволвирани страни.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на македонската дипломатија додава дека се согласува со високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини дека станува збор за историски чекор.
– Мислам дека нема ништо поприродно за нашите два народа од тоа да бидат навистина блиску. Мислам дека ова отклучува огромен потенцијал. Ние не можеме да ја смениме географијата, не можеме да ја смениме историјата, но може да работиме заедно за да ја создадеме нашата заедничка иднина, вели Димитров во изјавата за АНА-МПА.
Министерот за надворешни работи објаснува дека договорот е компромис и затоа постојат и од двете страни луѓе кои не се среќни, но го изразува неговото мислење дека е создаден „дел од Европа на нашиот дел од Балканот“.
Во однос на тоа дали македонската влада ги надминала проблемите со опозицијата, Димитров потенцира дека фокусот треба да биде на државата, а не на партијата или на политичката иднина.
– Мислам дека ако сите ние се фокусираме на земјата и бидејќи е историски крстопат, потребна е историска одговорност за да се направи правилната работа. Да мислиме на земјата, а помалку на партијата или на нашите политички иднини и ќе можеме да го сториме ова, вели Димитров за грчката новинска агенција, пренесе МИА.