Димитров: Да ја избегнеме замката и да не паднеме во очај

by Fokus

Нас ни е важно македонскиот јазик и македонскиот идентитет да останат недопрени. Имаме механизам за историските прашања да се решаваат од историчарите и важно е пристапниот процес да европеизира, а не да балканизира, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, по полагањето цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски во НУБ „Св. Климент Охридски“.

Нашите позиции се на кристално чисти принцип, потенцира тој, на право на самоопределување и најави дека ќе се продолжи со разговори со соседна Бугарија и, како што рече, ќе продолжиме да ги убедуваме дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европски интеграции или за добрососедство.

Тој оцени дека ова е голем удар за европската политика кон Балканот. Прво, појасни, бидејќи во март одлуката за почеток на пристапните преговори во македонскиот случај беше безусловен и второ, подвлече, од сите страни имаше гласови дека ние ја завршивме нашата работа и треба да почнеме пристапни преговори.

– Мислам дека треба да ја избегнеме замката да паднеме во очај или да влеземе во некакво ново чекање. За да не стане ова и наш пораз мора да го искористиме ова време да си работиме. Има многу добра волја токму заради драстичноста на случајот во многу земји членки, изјави Димитров.

Тој информира дека деновиве контактира со многу од неговите колеги од земјите членки и оти прават план како да се вклучат во нашата реформска домашна агенда.

– Ако веќе не може да почне пристапниот процес формален, којшто е обременет иако не би требало да биде со билатерални прашања, со вета, да си ја европеизираме земјата со поддршка на земјите членки коишто гледаат дека апсолутно заслужуваме, истакна Димитров.

Потсети дека во Извештајот од октомври по политичките критериуми ние имавме и извесна предност пред земји кандидати што се во преговорите. И затоа, потенцира, да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди сите свои земји членки да бидат на линија на сопствените вредности. Димитров смета дека тоа треба да ни биде агендата.

Поврзани новости