Никола Димитров – поранешниот министер за надворешни работи и претседател на невладината „Солуција“ синоќа во гостување на тв Сител рече дека заклучоци на Европскиот совет претпоставуваат согласност од сите 27 земји-членки, меѓу кои и соседна Бугарија.
-Колку и да има расположение кај ЕУ 26 да ни се излезе во пресрет, ако видиме дека се зголемува фрустрацијата кај многу членки со билатереализацијата на процесот. Многу тешко ќе се стигне до таква порака во смисла на заклучок од ЕС, првин Бугарија треба да се согласи. И да има таков заклучок, што ќе се случи ако имаме поинаков заклучок на следниот ЕС? Нашата заштита треба да ја бараме дома и мислам дека начинот како ние да направиме чекор, а да не удриме повторно во ѕид, мислам дека треба да го бараме во уставниот закон за спроведување на уставните амандмани. Има начин како тоа да се направи и мислам дека е рационално. Мислам дека многу земји-членки нема да бидат изненадени ако имаме еден рационален и едноставен механизам за заштита – рече Димитров.
Тој вели дека „ние сме најдрастичниот пример дека има огромни проблеми во политиката на проширување. Бугарија нѐ турка се подалеку од себе, а ние сме се уште на паркингот и не можеме да ја отвориме сериозно европската иднина, но не можеме да чекаме да падне решение од небо. Мораме ние да предлагаме и да чукаме на врати и мораме да сме исклучително проактивни“.