Димитриевски: И Заев ми ја честиташе победата четири дена по изборите

by fokus

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва во централниот Дневник на телевизија Сител потенцираше дека победата во Куманово ја издвојувале граѓаните и ќе продолжи да работи уште попосветено во реализација на програмата.

Тој истакна дека добил голем број на честитки од страна на сопартијците во СДСМ, од актуелни и поранешни носители на јавни функции.

-Мислам дека четири дена по изборите добив порака и од мојот претседател господинот Зоран Заев, му возвратив на таа порака. Добив честитки и од позицијата од СДСМ, добив честитки и од високи функционери од опозицијата и од другите политички партии. Никогаш не сум имал заладување на односите со членството на СДСМ, но имав сериозно заладување на односите со дел од лидершипот на СДСМ. Не чувствувам некое затоплување на тие односи, бидејќи не постои некоја интензивна или сериозна комуникација. Таа е сведена можеби повеќе преку еден, друг или трет, којшто се пренесуваат пораки, што мислам дека е беспотребно. Јас како актуелен градоначалник на Куманово, во моментов имам исклучива обврска кон граѓаните на Куманово. Тргнав со еден концепт „За наше Куманово“ и да го реализирам во целост, граѓаните се приоритет за мене, изјави Димитриевски.

Димитриевски посочи дека очекува оставката на Заев да биде реализирана. Тој потенцираше и дека членството е тоа коешто согласно статутот избира лидер и членството треба да одлучи кој ќе биде следниот лидер на СДСМ.

-Никогаш не сум го кажал тоа во јавноста дека имам такви амбиции. Еднаш мислам дека реков кај вас во студио дека човек без амбиции не треба да се занимава со политика, но, во овој момент не размислувам за такво нешто, иако сите опции се отворени, бидејќи членството е тоа кое во внатрепартиска постапка треба да го даде своето видување и мислење. СДСМ е многу голема политичка партија. Своевремено броеше и над 120 илјади членови. Треба да им се даде можност на сите, и на овие членови кои денеска имаат пластични, електронски картички, но и на оние членови кои некогаш имаа сини книшки и знакот ружа како бренд на Социјалдемократскиот сојуз да одлучуваат, истакна Димитриевски.

Поврзани новости