Ел Салвадор ќе гради „Биткоин град“ инспириран од Александар Велики

by fokus

Ел Салвадор планира да го изгради првиот „Биткоин град“ во светот, првично финансиран од обврзници поддржани од биткоин, најави вчера претседателот  на државата, Најиб Букеле.

Говорејќи на настанот за затворање на еднонеделната промоција на биткоин во Ел Салвадор, Букеле рече дека градот планиран во источниот регион Ла Унион ќе добие геотермална енергија од вулкан и нема да наплаќа даноци освен данок на додадена вредност (ДДВ).

Инвестирајте овде и заработете ги сите пари што ги сакате. Ова е целосно еколошки град кој работи и е напојуван од вулкан, рече Букеле на англиски, облечен целосно во бело и  бејзбол капа, во одморалиштето на плажата Мижата.

Половина од наплатениот ДДВ ќе се искористи за финансирање на обврзниците издадени за изградба на градот, а другата половина ќе покрива услуги како што е собирање ѓубре, рече Букеле, проценувајќи дека јавната инфраструктура ќе чини околу 300.000 биткоини.

Ел Салвадор во септември стана првата земја во светот што го усвои биткоинот како законско средство за плаќање.

Иако Букеле е популарен претседател, анкетите покажуваат дека жителите на Ел Салвадор се скептични во врска со неговата љубов кон биткоинот, а неговото нагло воведување поттикна протести против владата.

Споредувајќи го неговиот план со градовите основани од Александар Велики, Букеле рече дека Биткоин Сити ќе биде со кружна форма, со аеродром, станбени и комерцијални области и ќе има централен плоштад дизајниран да изгледа како симболот на биткоин.

„Ако сакате биткоинот да се шири низ светот, треба да изградиме неколку Александрии“, рече Букеле.

Ел Салвадор планира да ги издаде првичните биткоин обврзници во 2022 година.

Поврзани новости