Сите случаи коишто се дадени до Државната изборна комисија ќе бидат проверени и не треба да се прави фама од тоа бидејќи тоа е суштина на процесот наречен прочистување на Избирачкиот список, изјави денеска техничкиот премиер Емил Димитриев.
Според Димитриев, пријавите од граѓаните не може да го забават процесот на прочистување на Избирачкиот список, баш напротив, биле добредојдени и треба да бидат аргументирани бидејќи согласно пријавата ќе бидат ангажирани институции за проверка.
-На еден начин ќе влијаат за многу кратко време да се расчисти оваа фама којашто се шири вештачки околу прочистувањето на Избирачкиот список. Државната изборна комисија (ДИК) си ја знае својата надлежност и ги има предвид законските и подзаконските прописи. Вчера на состанокот ДИК ме информираа дека за многу кратко време ќе ги реши тие пријави бидејќи роковите за да се одговори во однос на пријавите се од три до пет дена, рече Димитриев.