Слаѓана Димишкова, претседателката на Македонската асоцијација на новинари (МАН) поднесе оставка од функцијата, потврди таа за БИРН.
-Поднесов оставка од МАН во октомври годинава до генералниот секретар, како што предвидува статутот. Промените сè уште не се заведени во Централниот регистар, бидејќи треба да се свика Собрание. Додека да се верифицира оставката, генералниот секретар раководи со здружението – вели Димишковс за БИРН.
Веб-страницата на МАН, паралелното здружение на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кое беше реактивирано во 2012 година, сега пренасочува кон веб-страницата „Вечер“ со која раководи Ивона Талевска.
Од Димишкова побаравме изјава за тоа дали здружението се соочува со проблеми со оглед на тоа што веб-страницата пренасочува кон веб-порталот Вечер.мк и таму не може да се најде никаква информација за нивните активности, но таа кратко ни одговори дека „нема никакви информации зошто се случува тоа“.
Инаку, генерален секретар на МАН е новинарот Драган Павловиќ Латас. И веб-страницата на МАН, според Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ) е регистрирана на фирмата Тотал Медиа Центар ДООЕЛ, каде што сопственик е Павловиќ Латас.