Поповски се појави во суд под притисок на јавноста, рече дека е во болки и во депресија

by fokus

По неколку неуспешни обиди да започне судењето во предметот „Триста“ на СЈО, поради отсуство на првообвинетиот, Ѓоко Поповски, поранешниот заменик министер за внатрешни работи денеска конечно се појави на закажаното рочиште за да го увери судот и јавноста дека се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Поповски дојде во Кривичен суд со бастун во раце и со човек кој му помагаше да се движи. На судот му приложи потврда од извршени лекарски прегледи кои треба да докажат дека прима лекови против болки, но, како што рече, и терапија против депресија. Како што рече неговата одбрана, тој се појавил денеска пред судот само поради притисокот од јавноста.

-Обвинетиот е под терапија од која најголем дел се наркотици, односно лекови против болки и депресија. Од овие причини тој не може да формира своја одбрана пред судот – рече одбраната која побара одложување на рочиштето се додека Поповски не заврши со примање на терапијата.

Обвинителката, Фатиме Фетаи, побара Поповски да биде прегледан од независен прихијатар кој би утврдил дали тој може да присуствува на расправите. До следното рочиште ќе бидат повикани невропсихијатар и лекар неврлог кој го отворил боледување, а кои ќе треба да дадат мислење за здравствената состојба на Поповски.

Поповски се сомничи за злоупотреба на службената положба за набавка на 300 полициски возила, со што го оштетил буџетот за 453.570 евра.

Поврзани новости